Ковачевски: Кога ќе кажат од Собранието веднаш ќе биде презентиран Договорот со „Бехтел и Енка“

Веднаш штом ќе има известување од Собранието владини претставници ќе го презентираат Договорот со „Бехтел и Енка“ пред пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на новинарски прашања Ковачевски рече дека по барањето што го доставија пратениците го известил претседателот на Собранието дека владиниот тим е подготвен веднаш да го презентира Договорот пред собраниското тело што ќе биде определено.

 

-Дел од пратениците испратија испратија писмо до Владата да се запознаат со Договорот, јас веќе одговорив до претседателот на Собранието, не знам дали го има примено во неговата архива бидејќи беше на службен пат, во коешто го информирав веднаш исто како што стоеше и во соопштението дека тимот на Владата е подготвен на Комисија или на тело што ќе го определи Собранието веднаш да отиде и да го презентира Договорот пред сите пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат. Кога ќе кажат од Собранието, подготвени се веднаш да отидат бидејќи сепак на владините претставници треба да им се каже во која Комисија треба да отидат, изјави Ковачевски, по отворањето на Самитот Македонија 2025.

 

Прашан дали Јавното претпријатие за државни патишта го доставило Договорот до Јавното обвинителство упати да се побара одговор од овие две институции, а Владата, како што потсети, веќе го задолжи ЈПДП да го достви Договорот до ЈО.

 

Во коментар за намалените проекции за растот на македонската економија од страна на Светска банка (СБ) премиерот посочи дека секогаш во услови на криза сите меѓународни финансиски институции и аналитички институти ги менуваат претпоставките за економскиот раст, а посочи дека во вакви услуви е особено важен подбрениот кредитен рејтинг на државата.

 

Коментирајќи ги укажувањата и реакциите за зголемените плати на функционерите Ковачевски повтори дека Владата работи на подготовка на закон за плати во јавниот сектор, со којшто ќе се стави конзистентност и ред во исплатата на платите во државата. Истакна дека и пред одлуката на Уставниот суд со којашто се зголемија платите на функционерите, укажал дека треба да има закон за плати.

 

– Врз основа на сите инпути од институциите законот ќе биде ставен на јавна расправа, и на ЕНЕР а мислам дека веќе е подготвена и првична верзија и потоа ќе влезе во собраниска процедура каде ќе треба да се изјаснат сите политички партии. Во однос на другите плати веќе се разговара на Економско-социјалниот совет за општиот колективен договор со којшто исто така ќе се стави ред и конзистентност во исплатата на платите на работниците бидејќи сега имаме различни колективни договори со кои на работници со исто ниво на одговорности во различни области им овозможуваат различно ниво на плати. Или кај функционерите имате пратеник со плата од 60.000 денари, а има и секретар или секретарка во одредено регулаторно тело со 90.000 денари плата. Сметам дека е тоа неконзистентно, рече Ковачевски.

Back to top button
Close