Ковачевски: За настап на изборите ќе има разговори и со партии кои не се традиционално дел од нашата коалиција
– СДСМ ќе има кандидатски листи во сите изборни единици, рече денеска претседателот на партијата и поранешен премиер, Димитар Ковачевски.
Според него, во тек се разговорите со коалициските партнери, но ќе има разговори и со политички партии кои традиционално не се дел од коалицијата.
– Тоа се партии со кои немаме преговори, меѓутоа може да има разговори врз основа на анализи што во моментов се прават врз база на емпириски истражувања и врз основа на сондирање на расположението на членството да биде во коалиција со одредена партија. Се работи за партии кои се во владината коалиција со СДСМ, но кои не биле на заедничките листи на последните избори во 2020 година, објасни Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по почетокот на градежните работи на Универзална сала.
Моментно, напомена, се работи на определување кандидати и на листи со коалициските партнери со кои СДСМ традиционално оди на избори.
– Не знам ДУИ што прават, тоа е нивна работа, но СДСМ ќе има кандидатски листи во сите изборни единици. Веќе имаме разговори со нашите коалициски партнери. Секако дека ќе има разговори и со политички партии кои не се традиционално дел од нашата коалиција. Доколку се најде заеднички јазик и интерес и ако анализите тоа го покажат, ако прифатат партиските членства и раководства, тогаш одлуката може да биде листите да бидат проширени и со други партии. Но, во моментот се работи на определување кандидати и на листи со коалициските партнери со кои традиционално одиме на избори, кои и обезбедиле на државата и членство во НАТО и почнување преговори со ЕУ, враќање на демократијата и слобода на медиумите. Да не заборавиме дека во 2016 година Северна Македонија, според слободата на медиумите беше на 138. место во светот, а сега е на 38. место, истакна Ковачевски.