Кремљ првпат го употреби зборот „војна“ за инвазијата на Украина
Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, додал дека именувањето на специјалната воена операција во војна, де јуре не значи воена состојба
Русија сега е во „војна“ со Украина поради мешањето на Западот во она што Москва претходно го нарече „специјална воена операција“, изјавил денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за медиумот „Аргументи и Факти“, кој е во сопственост на општинската влада во Москва, пренесе Радио Слободна Европа.
„Ние сме во војна. Да, почна како специјална воена операција, но кога колективниот Запад стана учесник во ова на страната на Украина, за нас тоа веќе стана војна“,изјавил Песков за рускиот медиум „Аргументи и факти“.
Песков додал дека именувањето на специјалната воена операција во војна, де јуре не значи воена состојба.
„Ова е специјална операција де јуре, но де факто за нас се претвори во војна откако колективниот Запад сè повеќе го зголеми нивото на своето учество во конфликтот“,додал портпаролот на Кремљ.
Откако ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Кремљ се труди да избегне конфликтот да го нарече војна, а наместо тоа секогаш да го нарекува „специјална воена операција“.