Кремљ: Саудиска Арабија можна локација за средба меѓу Трамп и Путин
Кремљ потврди дека Саудиска Арабија би можела да биде локацијата за планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, јави ДПА.
Сепак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска во Москва изјави дека шефовите на држави се уште не донеле цврста одлука, ниту може да каже кога ќе се одржи состанокот.
-Тоа може да трае со недели или неколку месеци, изјави тој.
Саудискиот главен град Ријад беше спомнат во телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп, рече Песков.
„Саудиска Арабија е земја со која имаме многу конструктивна соработка во многу области. Во овој поглед, Ријад добро одговара од перспектива на двете земји, рече Песков.
Трамп претходно изјави дека неговата прва средба со рускиот претседател од 2021 година најверојатно ќе се одржи во Саудиска Арабија.
Трамп телефонски разговараше со Путин само неколку недели по преземањето на функцијата и за првпат јавно ги сподели своите идеи за завршување на војната во Украина.
Путин и Трамп се поканија во своите земји, рече Песков, иако додаде дека сè уште е рано да се каже кога и како претседателите ќе ги почитуваат овие покани, велејќи дека „динамичниот развој на настаните ќе го покаже тоа“.
-Сепак, Путин би бил воодушевен доколку Трамп дојде во Москва во мај за да ја одбележи 80-годишнината од победата во Втората светска војна, рече тој.