Кривична пријава против четири лица за несовесно работење во службата

– Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против четири лица за несовесно работење во службата.

– Поднесена е кривична пријава против Ф.Х. – началник на Регионалниот центар за гранични работи Запад, Н.С.- началник на Одделението за заеднички работи при Регионалниот центар за гранични работи Запад, Ц.Ј. – самостоен советник за финансиски работи во Одделението за заеднички работи при Регионалниот центар за гранични работи Запад и Б.Ј. – началник на СВР Битола за време на извршување на делото, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик, се наведува во соопштението од МВР.

Во текот на 2021 година, како што се посочува во соопштението, МВР распишало оглас за јавна набавка на услуги за одржување на хигиена во работни и други простории на МВР и АНБ за период од две години, при што е избрана фирма од Скопје.

– Првопријавениот Ф.Х. и второпријавениот Н.С., испуштајќи ја својата надзорна контролна функција како раководители на организациската единица, не извршиле навремено следење на склучените договори со фирмата, со што првопријавениот потпишал договор за нарачки со кој ја надминал вредноста од рамковната спогодба и на тој начин направил финансиски импликации кон МВР, односно неможност навремено да се исплатат доспеаните фактури кон фирмата, се вели во соопштението.

Третопријавената, надлежна за следење на Рамковната спогодба, следење и плаќање на склучените договори, како што стои во соопштението, не извршила проверки во книговодствената документација на Регионалниот центар за гранични работи Запад за да утврди дали по склучената Рамковна спогодба за набавка на услуги за одржување на хигиена се исцрпени сите парични средства.

Четвртопријавениот пак, како што се додава во соопштението, ја повлекол фактурата за исплата, иако услугите биле навремено извршени, со што направил финансиски импликации спрема МВР.

-По заведен судски спор, од страна на фирмата, заради неисплатен долг по фактури кои биле стасани за плаќање, Министерството за внатрешни работи е задолжено да исплати дополнителни трошоци на име камата за задоцнето плаќање и судски трошоци во износ од 215.079 денари, за кој износ е оштетен буџетот на МВР, се наведува во соопштението од МВР.

Back to top button
Close