Крмов ќе треба да плати 9илјади и 600 евра за инцидентот со кршењето инвентар во Собранието

Девет илјади  и 600 евра е проценетата штета што пратеникот од Левица, Борислав Крмов, ќе треба да ја плати откако пред една недела искрши дел од инвентарот во пленарната сала кога на седницата требаше да се гласа новиот Деловник на Собранието. Проценетата штета денеска ја соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери на средба на новинарите откако беше прашан дали за овој инцидент некој ќе биде казнет.

„Има правни процедури за секое дејство. Штетата ќе се компензира од страна на чинителот на таа штета. Додека сме во Собранието, ние сме во работен однос и важи законот за работни односи“,рече Џафери.

Џафери објасни дека Крмов не може да се повика на пратеничкиот имунитет бидејќи тоа може да го направи само за искажан збор од говорница.

На прашањето што доколку Крмов не сака да ја плати штетата, Џафери повтори дека постојат правни процедури кои ќе се следуваат.

Минатиот понеделник, револтиран од тоа што Собранието ги отфрли амандманите на Левица поднесени во однос на измените на Деловникот, пратеникот Борислав Крмов, барајќи да се прекине седницата, го искрши мониторот од компјутерот на пултот на кој седеше потпретседателот Горан Мисовски, кој ја водеше седницата, а ги откорна микрофоните и ги расфрли сите хартии околу говорницата во Собранието. Набргу му се придружи и лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, по што Мисовски даде половина час пауза.

Наредниот ден од собраниската прес-служба информираа дека увидот од страна на МВР е завршен и оти се врши проценка од страна на собраниска комисија, осигурителна компанија и Бирото за судски вештачења.

Претседателот на Собранието Талат Џафери тогаш рече дека постапката натаму треба да ја води Обвинителството или по пријава од полицијата или по допрен глас од она што се гледа дека се случувало на седницата од која имаше директен пренос како на Собранискиот канал така и преку веб-страницата на парламентот.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, во телевизиско гостување, рече дека сметката може да му биде пратена и оти тој ќе ја плати, но според него штетата од процесот со кој се укина парламентарна демократија е неповратна

Back to top button
Close