Култура и книжевност: “Најзлата вештерка“ – Баба Јага

Клучниот лик од словенскиот фолклор, Баба Јага ги исполнува сите критериумите кои ја прават злобна вештерка- живее во куќа што шета низ шумата на пилешки нозе, а понекогаш лета наоколу (блиску до земјата) во огромен аван со толчник. Често е прикажана како вештерка или старица, позната по тоа што јаде деца, потполно во склад со нејзините вештерски особености.

Сепак, таа е многу покомплексен лик отколку што може да се заклучи од самото сиже. Итра, паметна и корисна, таа навистина може да биде најфеминистичкиот лик во фолклорот.

Легендата за Баба Јага е толку трајна што штотуку е објавена нова антологија на раскази, In the Woods (Black Spot Books), која содржи 23 интерпретации на ликот, сите од перата на водечките писателки на хорор.

Приказните се протегаат низ вековите – од „Of Moonlight and Moss“ на Сара Тантлингер, која нуди сонливо слика за една од класичните приказни за Баба Јага, “Василиса прекрасна”, додека “Water Like Broken Glass” на Каринa Бисет ја сместува Баба Јага во Втората светска војна.

Во меѓувреме, “Stork Bites” од Е.В. Најт ги зајакнува морничавите аспекти на митот како предупредувачка приказна за љубопитните деца.

Историја на Јага

Баба Јага се појавува во многу словенски и особено руски народни приказни. Најраниот запишан артефакт е од 1755 година, како дел од наративот за словенските ликови од фолклорот во Руската граматика на Михаил Ломоносов.

Пред тоа, таа се појавувала на дрворези, барем во 17 век, а потоа редовно се појавува во книгите со руски народни приказни и бајки.

Ако сте филмски вљубеници, можеби ќе го препознаете нејзиното име од филмовите со Џон Вик во кој глуми Кијану Ривс, во кои титуларниот анти-херој неговите непријатели го нарекуваат Баба Јага, давајќи му мистериозна аура на речиси митско чудовиште.

Јапонската легенда на анимираните филмови, Хајао Мијазаки, ја искористи Баба Јага како основа за ликот на сопственичката на јавна бања во неговиот наградуван филм Spirited Away од 2001 година.

Баба Јага се појавува и во музиката; Сликите од изложбата на Модест Мусгорски од 1874 година содржи деветти став наречен Колибата на кокошји нозе (Баба Јага).

Таа наскоро би можела да се појави на малите екрани; Нил Гејман ја искористи во стрипот Sandman на DC, чија адаптација на серијата штотуку доби втора сезона на Нетфликс.
Гејман ја искористи Баба Јага во стрип серијата Books of Magic, а начинот на кој го користи ликот ја истакнува нејзината морална амбивалентност: додека во Sandman таа е корисна, во Books of Magic е повеќе негативка.

Гејмен за BBC Culture раскажа дека првпат се сретнал со Баба Јага кога имал шест или седум години кога ја читал детската фантастична книга „Сестрата на змејот и патувањата на Тимоти“ од британската писателка Маргарет Стори, во која таа се појавила.

„Ми беше најинтересна од сите вештерки, а тој впечаток се засили кога прочитав дел од руските бајки во кои таа се појавува“, вели тој.

„Се чини дека таа започнала свој живот надвор од самата приказна, што им се случува на многу малку ликови од бајките.

In the Woods е уредена од Линди Рајан, писателка и редовна професорка за Data science и визуелна аналитика на Универзитетот Рутџерс во Њу Бранзвик, Њу Џерси, која е и основач на оваа антологија, Black Spot Books, мала независна издавачка куќа посветена на женските писатели на хорор.

Како една Американка се фасцинирала од словенскиот мит?

„Мојата руска маќеа емигрирала во САД набргу по падот на Советскиот Сојуз“, вели Рајан, „и заедно со мојата полусестра и полубаба донела борш, бабушки и Баба Јага. И додека повеќето девојки на моја возраст пораснаа со адаптираните Дизни верзии на принцезите, јас ги претпочитав приказните за браќата Грим, Шарл Перо и Ханс Кристијан Андерсен – и се разбира, во книгите на словенските бајки и фолклор, Баба Јага“.

Понатаму, потеклото на Баба Јага може да влече корени и пред 17 век – постои школа на академска мисла која тврди дека таа е словенска аналогија на грчката божица Персефона, божица на пролетта и природата. Секако се врзува и со шумите и дивата природа.

„Суштината на Баба Јага постои во многу култури и многу приказни, а таа ја симболизира непредвидливата и нескротлива природа на женскиот дух, мајката Земја и односот на жените со дивината“, вели Рајан.

Она што ја издигнува Баба Јага над вообичаените дводимензионални вештерки на фолклорот е нејзината двојност, понекогаш е речиси хероина, понекогаш злобна, и нејзината богато земјена евокација на женскоста.

„Баба Јага до ден-денес останува една од најдвосмислените, најлукавите и најмудрите жени во фолклорот. Таа инспирира страв и почит, стравопочит и страст во исто време. Се восхитувам на нејзината безгрижност и независност, дури и нејзината жестокост, а во свет каде жените често се замаглени од безначајност, таа е фигура која не потсетува дека сме диви и нескротливи и дека таквите слободи често имаат своја цена“ вели Рајан.
Дополнително, таа е еден вид прото-феминистичка икона.

„Апсолутно е така“, вели Ји Изи Ју, една од авторките на приказна објавена во In the Woods.

Една од причините зошто е така опишана е тоа што таа целосно го врти на глава стереотипот за грижлива мајка што им се припишува на жените, и тоа јадејќи деца наместо да ги раѓа надвор или да ги дои.

„Таа е моќна и покрај тоа што не е привлечна во конвенционална смисла. Таа живее според сопствените магични правила наместо по банални прописи“, вели Изи.

„И ги доведува во прашање концептуалните категории на секој чекор. Дури и нејзиниот дом е истовремено и куќа и кокошка, што ја прави, да, на некој начин вдомена, но никако „врзана“. Во таа смисла, таа е рана верзија на номадскиот чергар“.

Вистинска одметничка

Изи ја споредува Баба Јага со ликовите на лажливците од многу митологии, како што е препредениот нордиски бог  Локи или Којот од домородниот американски фолклор.

„И додека Баба Јага често глуми негативец, таа исто така е склона кон отпор. На пример, во Василиса Прекрасна, ѝ помага на Василиса да се ослободи од влијанието на нејзиното злобно згрижувачко семејство“, вели таа.

„И покрај тоа што Баба Јага е опасна ако директно и се спротивставите, исто како и многу од ликовите кои се движат по рабовите и под сенката на законот, може во опасни ситуации да се покаже како непроценливо корисна.

„Во оваа смисла, Баба Јага ја комплицира пасивната женска улога на старателка со енергија на одметничкото „Ќе правам што сакам“ и сила која обично им се припишува само на мажите“. Може да се каже дека Баба Јага го вкрстува архетипот на злата вештерка со архетипот на добрата самовила за да создаде многу понепредвидлива и помоќна улога од двата архетипа посебно“.

Изи е родеa и израсната во Северна Кина и бидејќи голем дел од руската литература беше преведена на кинески, Баба Јага ја премина националната граница и влезе во кинеската свест.

„Мојата прва средба со Баба Јага беше во кинески цртан филм што го гледав кога бев многу мала. Се сеќавам на тој цртан филм, затоа што и реков на баба ми дека Баба Јага изгледа идентично како мојот дедо и вујко ми. Тоа ја насмеа. На вујко ми на дедо не им беше смешно“, вели Изи.

Архетипот на планината или шумската вештерка е популарен ширум Источна Азија, главно затоа што, вели Изи, „планините се поврзани со голема духовна моќ и со фигури пустиници кои избираат да живеат според сопствени правила – исто како што Баба Јага е жена, на своја рака“

Таа додава дека во Јапонија постои лик по име Јамамба кој е „неверојатно сличен на Баба Јага – исто така често ѝ се припишуваат одбивни физички карактеристики, а пројавува и апетит за деца“.

„И таа е морално амбивалентна, понекогаш опишана како чудовиште и канибал, а понекогаш како носителка на промени и трансформација и заштитничка на хероите“.

За Линда Рајан, концептот на хорор антологија исклучиво со женски автори се појавила пред идејата за книга со тема на Баба Јага, но моќната вештерка од шумата ја наметна сопствената волја.

„Сакав антологијата да ги собере гласовите на жените од сите делови на светот кои не се плашат да раскажуваат свои приказни, да се препуштат на сопствената дивост и пороци и на тој начин мислам дека Баба Јага се појави како муза за оваа антологија“, објаснува таа.

„Она што најмногу ме изненади беше подготвеноста со која учеснички се справија со задачата и одекот што Баба Јага го остави низ целиот свет.

„Таа е навистина универзален лик и бев воодушевена од реакциите на жените ос различни делови на светот кои ги споија своите гласови со нејзиниот“, додава таа.

Приказната на Иза, „Приказната за куќата“, се занимава со еден од поуникатни аспекти на митот за Баба Јага – нејзината колиба која оди по пилешки нозе, раскажувајќи ја приказната за нејзиното потекло и изградба.

„Бев маѓепсана кога размислував за кокошјите стапала на големата стара куќа. Тоа директно ме натера да сакам да напишам нешто за таа куќа”

Исто така, штотуку го завршив преведувањето на Книгата на сенките на Џи Јун – антологија на кинески фантастични приказни од 19 век. Полна е со дихови лисици, тибетска црна магија и други видови шаманизам, како и приказни за натприродно интелигентни или моќни животни и необични метаморфози.

„Тоа ме инспирираше за атмосферата што сакав да ја постигнам во „Приказната за куќата“ и нејзините теми“.

Дали легендата за Баба Јага пренесува некоја порака и денес?

Изи мисли дека има.
Таа е шаман и измамничка, категорија за себе и рушителка на границите, потсетник дека слободата лежи надвор од границите на општествените норми и дека можеме да научиме од темнината подеднакво колку од светлината.

Мислам дека таа нè учи на логиката „две и“. Таа не потсетува дека и ние сме херои и негативци, дека и кокошката може да биде куќа и дека истовремено можеме да ги прифатиме желбите на телото и тајните на духот“.

Рајан се согласува дека Баба Јага носи предупредување за оние кои сакаат да ја отфрлат моќта на Баба Јага, а со тоа и на жените ширум светот.

„Мислам дека не смееме да заборавиме дека Баба Јага можеби се крие во шумата, но таа набљудува и се сеќава“, вели Рајан.

Извор: BBC culture

Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close