Кумановскиот театар премиерно ќе ја изведе претставата „Смрт и девојка“
„Смрт и девојка“ е насловена претставата што вечерва со почеток во 20 часот во малата сала на НУЦК „Трајко Прокопиев“ премиерно ќе ја изведат актерите од кумановскиот театар пред публиката. Драмата од аргентинскиот писател Ариел Дорфман е во режија на Мирослав Петковиќ, а играат Марко Трајковиќ, Владо Дојчиноски, Сања Русеска.
-Драмата „Смрт и девојка“ од аргентинскиот писател Ариел Дорфман, е инспирирана од диктаторскиот режим на Пиноче во Чиле, во периодот од 1973 до 1990 година, ќе отвори многу прашања поврзани со правдината, траумата, одмаздата, довербата, поддршката, простувањето, помирувањето и ефикасноста на општествените системи праведно да управуваат со своите тешки, но многу важни прашања. Дејството во драмата се случува по падот на диктатурата во неименувана јужноамериканска земја, што ѝ дава универзалност на темата, при што фокусот е ставен на последиците од политичкото насилство врз поединците, а особено над жените. Една случајна средба ќе иницира конфронтација помеѓу минатото и сегашноста, ќе оживее најдлабоки стравови и гнев, поврзани со едно киднапирање и мачење за време на диктатурата, информираат од кумановскиот театар.
Драмата остава силен впечаток поради неизвесноста што го принудува гледачот да размислува за моралните дилеми, личната ангажираност и учество во општествените текови, особено ако се неизмерно тешки, но и поради својата актуелност, која за жал, никако не поминува. Претстава е реализирана со средства на институцијата. Драматург е Сашо Костовски, костимограф, Дарко Илиевски, видеодизајн и видеооператор, Мишо Димитријевски, инсталација н Крсто Богојевски и дизајн на плакат е на Игор Спасовски и Мишо Димитријевски.