„Купувам домашно“ за два дена посетена 3,7 милиони пати

Веб страницата на која граѓаните може да добијат информации дали ќе бидат корисници на Домашна платежна картичка, а која е во функција од завчера, досега имала вкупно 3.745.921 посета, отворена е од 1.129.181 различни уреди, со матичен број проверка направиле 194.192 граѓани, кои и се добитници на картичката, а средствата предвидени од 28 милиони евра, за овие картички веќе се префрлени кај деветте банки кои ќе ги издаваат на граѓаните. Првите 50.000 картички се веќе испечатени, а треба да се издадат вкупно 324.479 картички.

Ова, според претседателот на СДСМ Зоран Заев, кој и ги сподели овие бројки на прес-конференција, покажува дека во просек секој граѓанин кој ја отворил страницата тоа го направил повеќе од три пати.

Тој појасни кои категории граѓани ќе бидат опфатени со оваа мерка, меѓу кои се невработени лица, корисници на социјална помош, средношколци, студенти, здравствени работници, кои добиваат картички во износ од 3.000 или 9.000 денари.

-Кризата остави последици, Владата предводена од СДСМ презеде навремени и сериозни мерки со цел да се ублажат првичните удари и да се постави основа за брза трансофрмација на нашата македонска економија. Ова се дел од трите пакети мерки кои обезбедуваат нова развојна економија, рече Заев додавајќи дека сега преку одговорни и ефикасни решенија ќе покажеме дека брзо ќе ја надминеме кризата и брзо ќе се вратиме на стапките на раст како пред кризата.

Тој оцени дека во изминатите три години се пуштени десетици и десетици милиони евра директно кон граѓаните и фирмите, како преку ИПАРД, ФИТР, Министерството за економија, МојДДВ, субвенции, зголемената социјална помош, зголемената минимална и просечна плата и други алатки.

-Колку е значајна и зајакната економската капацитетност на државата во последните три години е доказ и сегашната подготвеност со 550 милиони евра на 730 илјади граѓани да се помогне во оваа тешка здравствена и економска криза. Имаме капацитет и подготвеност да помогнеме и во следните месеци и години и тоа е резултат на успешните економски политики, истакна Заев.

Back to top button
Close