Курти повторно го отфрли формирањето на Заедницата на српски општини во Косово

Косовскиот премиер со технички мандат, Аљбин Курти, го отфрли формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), како што побара Белград, оценувајќи дека тоа би била структура „слична на Република Српска во Босна и Херцеговина“ што внатрешно би ја поткопала државноста, независноста и функционалноста на Косово, објавија денеска косовските медиуми на српски јазик, пренесе Хина.

Бриселскиот договор за принципите што го регулираат нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово беше потпишан на 19 април 2013 година, а преговорите ги водеа тогашните премиери на Србија, Ивица Дачиќ, и на Косово, Хашим Тачи, под мандат на високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Кетрин Ештон.

Формирањето на ЗСО е една од 15-те точки од договорот на кои Белград инсистира и сè уште не е спроведен, додека Србија истовремено го оспорува приемот на Косово во меѓународни организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации.

Во интервју за подкастот „Quartier Général“, посветен на геополитиката, безбедноста и меѓународните односи, Курти рече дека не е против соработката на општините, туку дека таа треба да служи за обезбедување подобри јавни услуги „во рамките на Република Косово“, објавува порталот Коссев.

„Кој и да сака асоцијација на општини – ние веќе ја имаме. Но, она што Србија го нарекува асоцијација всушност не е за српската заедница, туку против независноста на Косово“, оцени Курти.

Тој истакна дека Приштина сака „добри европски соседски односи“ и „целосна нормализација“, но со меѓусебно признавање.

Тој, исто така, изјави дека Уставниот суд на Косово заклучил пред повеќе од десет години дека моноетничкиот карактер на Заедницата на општини е во спротивност со духот на Уставот на Косово, чиј архитект беше поранешниот специјален претставник на ОН за Косово и поранешен фински претседател Марти Ахтисари.

Курти верува дека опасноста за Косово не доаѓа од косовските Срби, ниту од која било друга национална или верска заедница, туку од „застарениот хегемонистички погон во Белград, кој не сака да прифати дека Србите можат да бидат малцинство никаде“.

Новата порака на Курти доаѓа откако властите во Приштина постојано изјавуваат дека не сакаат асоцијација со извршни овластувања, како што е босанскиот ентитет Република Српска, формиран со Дејтонскиот договор во 1995 година, со кој заврши четиригодишниот конфликт во Босна и Херцеговина.

Back to top button
Close