Курти во Брисел побара од ЕУ да го разгледа барањето на Косово за членство

Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Брисел побара од ЕУ да го разгледа барањето на Косово за членство, соопшти неговиот кабинет.

За време на работниот ручек организиран од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за лидерите од Западен Балкан, Курти рече дека проширувањето на ЕУ „е најдобриот одговор за сите оние кои го загрозуваат мирот и единството на Европа, особено по руската воена агресија во Украина.

Во тој контекст Курти повика на разгледување на барањето на Приштина и доделување на Косово статус на кандидат за членство во ЕУ.

Тој, исто така, побара укинување на рестриктивните мерки што ЕУ ги наметна на Приштина минатата година, поради непреземање чекори за деескалација на ситуацијата на северот на Косово, оценувајќи ги како „неправедни“.

Курти рече и дека Косово е меѓу првите кои до Брисел доставиле предлог за реформска агенда во рамките на Планот за раст на Западен Балкан, оценувајќи дека на тој начин покажале „посветеност“ на таа иницијатива на Европската унија.

Премиерот на Косово, исто така, ја потврди својата поддршка за Берлинскиот процес, во пресрет на 10-годишнината од покренувањето на таа иницијатива и ја истакна важноста од целосна имплементација на четирите договори за мобилност, потпишани во 2022 година во Берлин, се наведува во соопштението.

Back to top button
Close