Лајчак најави разговори во САД поради ситуацијата на северот на Косово

Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, синоќа објави дека ќе отпатува во Вашингтон на разговори за ситуацијата во северно Косово.

„Ќе одам во Вашингтон на покана на американски партнери. Интензивно ќе дискутираме за начинот на постигнување напредок и за следните чекори кои треба да се преземат“напиша Лајчак на својот фејсбук-профил, без да ги прецизира деталите и датумот на планираната средба во САД.

Додаде оти последните случувања во регионот, особено тензиите меѓу Белград и Приштина, биле во фокусот на голем дел од панел-сесиите на „Преспа форумот за дијалог“, што се одржа во Струга, Северна Македонија.

Во објавата на Фејсбук, Лајчак додаде дека ги информирал амбасадорите на НАТО и на ЕУ за ситуацијата на северот на Косово, нагласувајќи дека е неопходно да се преземат чекори за смирување на тензиите.

„За време на мојата посета на седиштето на НАТО, се сретнав и со заменик-генералниот секретар Мирчеа Џоан, со кого разговарав за ситуацијата на северот на Косово. Се согласивме дека треба да се преземат итни чекори за деескалација“напиша Лајчак во објавата на својот профил на Фејсбук.

Тензиите на северот на Косово, кој има претежно српско население, е зголемија во последните три недели кога на 26 мај новите албански градоначалници на општините на северот, со помош на косовската полиција, влегоа во општинските згради. Косовските Срби, пак, кои ги бојкотираа локалните избори, се спротиставија на тоа.

Back to top button
Close