Лажна вест: Македонска смедеревка се продавала во Франција
За само неколку часа главна вест во Македонија денеска стана информацијата дека македонско вино смедеревка се препродавала во Франција за 250 евра како врвно бургундско вино. Текстот објавен на српскиот портал „Вино и Фино“ (https://vinoifino.rs) привлече огромно внимание, за во еден момент да котира и како прва вест на агрегаторот за вести Тајм.мк. Го пренесоа голем број телевизии и портали, и тоа без да сменат ни точка, ни запирка… вкупно најмалку 20 различни медиуми.
И никој притоа не се ни обиде да провери кои се француските медиуми кои пишувале на оваа тема, и дали воопшто постојат. Дали постои винарија „Газда Ѓоко“ во Мрзенци, или дали постои нејзиниот „цитиран“ газда Ѓоко Трпески. Не постојат, како што не постои ниту францускиот енолог Теле Репомаше (теле репом маше)… во превод од српски „теле мафта со опашката“.
Дека се работи за првоаприлска шега на српскиот портал во телефонски разговор ни потврди и директорката на маркетинг Зденка Костиќ.
„Добро ги насамаривме“, низ насмевка ни изјави таа.
Во бројни македонски медиуми денеска можеше да се прочита дека во „Франција избил голем скандал“ откако се дознало дека винари од регионот на Бургундија наместо со своите скапоцени сорти Шабли и Монтраше, винските шишиња ги полнеле со евтина смедеревка од винарија од Мрзенци. Истрагата, наводно, ја водел Еуропол.
Измислената приказна на српскиот портал изобилува со детали кои дополнително го привлекоа вниманието на македонските медиуми. Па така, се цитираат измислен француски енолог Теле Репомаше кој дава комплименти за квалитетот на смедеревката, како и измислениот газда на винаријата Ѓоко Трпески кој „објаснува“ дека виното го продал за 0,50 евроценти за литар. (DW)