Лева или десна политика? – Дај трепкач!
Се вози народот, патот прав, а неизвесноста за правецот сепак демне!

Еве стапи на власт новата гарнитура во најголемата светска сила и веднаш најавува чекори за промена на довчерашниот правец на движење на нејзината нација. Ќе речеме: – Па затоа Aмериканците излегоа на избори, избраа власт за да ги промени состојбите, за нивно надминување бидејќи им создаваа внатрешни и надворешни проблеми (предизвици, според транзинтната терминологија на секоја овдешна власт). Американскиот народ им даде доверба на демократите, а бајденци веднаш се дадоа на реализација на ветеното, што би рекле нашиве – на реформи. Односите со Кина и Иран, здравствено осигурување, квотите за вселување, ѕидот кон Мексико, па дури и „ситниците“ – ќе се залагале за меѓусебно признавање на Србија и Косово… За само 10 дена од преземањето на власта!
Знаат луѓето. Четирите години брзо минуваат, а историјата не се повторува, туку се пишува врз основа на стореното, а не заради нестореното. Нестореното, застоеното, затвореното изгледа не му отворало перспективи на американскиот граѓанин, па одлучил да проба, да „ризикува“ – и да го сврти другиот образ! Ќе видиме дали бил во право што лани во ноември го презел тој ризик – четирите години брзо минуваат. Новите во Вашингтон изгледа дека се сосема свесни за временскиот и материјалниот лимит за остварување на својата историска улога. Воедно, од првичното искуство на „десетте дена што го сменија светот“ (што би рекол Џон Рид) провејува масовната политичко-акциона претходна подготовка за настап на кормилото на државата. На тоа, кај нас секој втор „промисливач“ сомничаво би се запрашал: – Ама џабе ќе им беше подготовката ако не успеаа да победат на изборите во ноември? Во наше маало цинично велевме – Секој шизик сака ризик – како самооправдување за нашата неорганизираност и „објаснување“ дека ризикот го преземаат само екстравагантните и несериозните!
Но, еве да ги сумираме историските политички константи во американскиот и македонскиот политички калеидоскоп. Како да нема разлики – барем навидум. Ако нашево маало има видено најразлични власти, американското има видено најразлични политичари кои се борат за власт. Разликата е во систематската нивна подготовка беневолентно да дојде до ефективна и ефикасна промена на политиките на претходната власт… Криминалот е надвор од оваа перцепција!
Кога ја држат власта, и таму и овде, прокламираните политички десничари јавно се определуваат дека се со страсна вљубеност во својата народна традиција, потпирање на сопствените сили, сомничавост кон амбициите на соседите и на надворешни интервенции „наменети за поткопување на макотрпно стекнатото народно единство“, отпор кон глобалните експерименти на либералниот капитализам…, дека промените на сопственото општество треба да се засноваат на максимално искористување на националните материјални и човечки ресурси… И овде и таму, левичарски прокламираните политичари се определуваат за заначајни промени во областите кои, како што тие сметаат, ги назадуваат општествените процеси наменети за покачување на животниот стандард и интересно мотивирано „пливање“ во глобалните цивилизациски текови, бараат радикални промени во менталитетот на новите генерации, ставајќи ја на проба народната традиција за нејзино адаптирање на „настапувачкото ново време“…
Кога се во опозиција – исти се ставовите и на едните и на другите, за и кон нивните политички противници на власт, кои наводно со прокламираните политики ја водат земјата во катастрофа, носат лукративно инспирирано законодавство, ја деградираат националната економија, народот го втурнуваат во сиромаштво, го нарушуваат меѓународниот углед на државата…
Кој е правецот?
Но, еве да ги сумираме историските политички константи во американскиот и македонскиот политички калеидоскоп. Како да нема разлики – барем навидум. Ако нашево маало има видено најразлични власти, американското има видено најразлични политичари кои се борат за власт. Разликата е во систематската нивна подготовка беневолентно да дојде до ефективна и ефикасна промена на политиките на претходната власт… Криминалот иако не е безбачаен фактор за здобивање и губење на власта надвор е од оваа наша перцепција!
Има ли наравоучение од американските искуства за нас? Од предизборната најава на политичарите до пристапувањето кон реформи не треба да мине време кое се губи во калкулации и изговори од типот – потребно собраниско мнозинство, етнички баланс, регионална нестабилност, блокади од партизираната администрација, судството… Сето тоа ја разоткрива недоволната подготовка за преземање на власта и само формалната одговорност за развојните процеси на државата.
Иако навидум Америка е далеку, таа како да ни е сосема блиску. Нивното двоиполвековно и актуелно политичко искуство и те како треба да се анализира за да извлечеме поуки за промени во некои наши константи, што би ни помогнало стабилно да ги унапредуваме состојбите во нашето секојдневие. Не е само доволно (па и доблесно) да ја бараме американската подршка, а да не извлекуваме заклучоци од нејзините искуства и практики. Не би ги споредувал нашиот 27 април 2015 и американскиот 6 јануари 2021 година, ама неизоставно мора да се има во предвид реакцијата на институциите на системот (па и политичката култура), во и по овие немили настани катастрофални за било која, барем формално уставно демократски усторена држава. Сите ние „остроумно“ се повикуваме на потребата од нејзина подршка, а не ги земаме во предвид и нејзините практики и искуства во политиката. Демек ние имаме европска историја и наследство. Точно, ама и европско лицемерие, калкулантство, ситни сојузништва, етнички тегови, бескраен популизам и национализам, граници, граници, граници – од секаков вид…
И еве, иако во сосема изменети околности се повикуваме и на Тито: народот го држи воланот, а тој согласно за него искажаната, народната „ти то радиш“, повремено дава наредби за давање трепкач: Де лево – Де десно. Со добро и со лошо. Па како кому му се допадне во тој релативен мир и релативна благосотојба, не за четири, туку за четириесет години. Како по шекспировата – као што милувате – во љубов и промена на идентитет. А пустињево, последниов не е единствениот!
Еве го левичарскиот идентитет, кој во актуелниот америкаски случај – за десет дена – преку извршната власт влегува во промена на тромавиот трампов правец на нацијата. Да, секогаш демне ризикот од губење на следните избори, но кај нив натежнува сознанието дека тие планирани промени радикално не се вршат во последната предизборна година.
Знаеме ли да извлечеме поуки?
Виктор Габер






