ЛЕВИЦА ЈА ИСКЛУЧИ ОД ПАРТИЈАТА ДИРЕКТОРКАТА НА СКОПСКАТА БИБЛИОТЕКА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“, ВЕЛАТ ДЕКА МЕСТЕЛА КОНКУРСИ ЗА ВРАБОТУВАЊА ВО СОРАБОТКА СО ВМРО-ДПМНЕ

Од Левица и ја повикуваат директорката Стојчевска да поднесе оставка, а ако тоа не се случи скопската градоначалничка Данела Арсовска да ја разреши. (Фото: Градска библиотека „Браќа Миладиновци“)

Левица соопшти дека ја исклучила од своите редови директорката на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје Снежана Стојчевска поради, како што велат од партијата, извесно коруптивно и клиентелистичко влијание, како и несоодветно и своеволно раководење со институцијата. Од партијата велат дека таа во соработка со ВМРО-ДПМНЕ местела конкурси за вработување.

„Дисциплинската одлука е донесена бидејќи таа, во дослух и таен договор со ДПМНЕ и со Министерот за локална самоуправа во Владата на Мицкоски, Златко Перински – како претендент за следен деструктивен кандидат за Градоначалник на Град Скопје, е фатена на дело како мести конкурси за вработување, ги злоупотребува своите овластувања за остварување лични интереси и за ухлебување пријатели во институцијата – свои и на министерот Перински“, се вели во соопштението на Левица.

Оттаму додаваат дека „откриеното несовесно работење на дотичната резултира и со намалување на фондот на изнајмени книги за 30%, како и со влошување на севкупната работна атмосфера во Библиотеката“.

Тие ѝ забележуваат на директорката дека ненаменски трошела буџетски пари за сомнителни службени авионски патувања во странство, како и за затворањето на третата смена на студентските читални среде испитна сесија, што се случува за првпат во историјата.

„Како резултат на овие злоупотреби, Президиумот на Левица го поништува нејзиното партиско членство како што и ќе постапи секогаш кога ќе открие неморално однесување кај своите членови кои вршат јавна функција“, велат од Левица и ја повикуваат директорката да поднесе оставка, а ако тоа не се случи скопската градоначалничка Данела Арсовска да ја разреши.

Партијата Левиица во Советот на Град Скопје има 4 советнички места.

Back to top button
Close