Ливерпул веќе размислува кога да му понуди нов договор на Арне Слот
– Раководството на Ливерпул веќе размислува да му понуди нов договор на тренерот Арне Слот, иако тој пристигна на „Енфилд“ минатото лето. Првата сезона на Холанѓанецот во клубот поминува одлично. Тој го наследи Јирген Клоп, кој ги трансформираше „црвените“ во последните години. Заминувањето на Германецот не се почувствува благодарение на работата на Слот.
Ливерпул моментално е на врвот во Премиер лигата со 13 бода предност пред второпласираниот Арсенал. На крајот на следната недела неговиот тим ќе игра во финалето на Лига купот, а претходно ќе се соочи со Пари Сен Жермен во осминафиналето на Лигата на шампионите. Единственото разочарување беше елиминирањето од ФА Купот по поразот од Плимут во меч во кој Слот ги пушти резервите на теренот.
Поранешниот тренер на Феенорд потпиша тригодишен договор кога пристигна минатото лето. Тој добива околу 8 милиони евра по сезона, со дополнителни бонуси во договорот за одредени успеси. Клоп земал двојно поголема плата.