Луксембург отвори почесен конзулат во Македонија, Петар Арсовски назначен за почесен конзул

Филипе Донкел, нерезидентниот амбасадор на Големото војводство Луксембург за Македонија го отвори почесниот конзулат, а за почесен конзул е назначен Петар Арсовски. Официјализирањето на почесниот конзулат, кое што е прво вакво дипломатско претставништво на Луксембург во земјите од Западен Балкан, е уште една потврда за пријателскиот и партнерски односи меѓу двете земји изграден низ повеќе од три децении од воспоставувањето дипломатски односи.

Работата на почесниот конзулат ќе биде во насока на зацврстување на одличните односи и нивно интензивирање во политичката, економската и културната област. Луксембург, како една од земјите основачи на Европската Унија, е меѓу државите кои што силно и континуирано се заложуваат за европската перспектива на нашата земја, соопштува амбасадата.

Амбасадорот Донкел од денес до 7 април ќе престојува во работна посета на земјава и ќе оствари средби со претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски и со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Тргнувајќи од неопходноста за создавање повеќе можности за економска соработка амбасадорот Донкел ќе разговара со министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски зони, Јован Деспотовски. Средба ќе оствари и со државниот секретар на МНР, Зоран Попов. Амбасадорот Донкел ќе оствари средба и со претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопшти амбасадата.

Back to top button
Close