Луксузирање со туширање

Во акциониот план за односите со Бугарија, или анексот, или како и да се вика документот кој треба да го почитуваме за владата во Софија да го тргне ветото за почеток на преговорите со ЕУ, задолжително да се стави уште една точка. ВМРО-то на Каракачанов да го помине изборниот праг за да влезе во нивното Собрание. А после да се додаде уште еден анекс – Каракачанов пак да биде вицепремиер. Македонските медиуми имаат задача да ја спасуваат политичката кариера на Каракачанов. А нему ништо друго не му преостанува, освен да добие уште некој глас на бугарските националисти со антимакедонски изјави.

Башка, малку ни се домашните секирации што ќе правиме со пописот во април, па сега уште и на изборите во Бугарија во април ќе им го береме гајлето. Покрај тоа што главна вест е што прави Бучковски. Па Бучковски тргна, Бучковски ја помина границата, Бучковски стигна во Софија, Бучковски се врати… Како на времето, кога ги испраќавме пејачките и пејачите на Евровизија. Бучковски во Софија се гледал со интелектуалци. Којзнае, можеби и во Скопје се гледа со интелектуалци. Уште да отидеше кај дедо владика Стефан да го благослови. Оти нели, сега се некрстени денови, па да не направат демоните уште некоја пречка на патот кон ЕУ.

Ете, ѓаволска работа, во Вевчани на карневалот го запалија бугарското знаме. Самото по себе, палењето било чие знаме е глупоштија. И со тоа ништо не се добива. Ама, будали има насекаде. Ене ги, дури и во една Америка излегоа сосе рогови.

Тука, државата си реагираше по протокол. Министерството за надворешни работи го осуди инцидентот, обвинителството покрена истрага за повреда на угледот на странска држава. Па дури и претседателот на државата Стево Пендаровски го осуди палењето и рече дека „меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување“. Што секако ќе допре и до ушите на Каракачанов, па се очекува да распали со нова серија изјави за „доверба,  разбирање и почитување“. Која, нормално, ќе биде пренесена и обработена до детали во речиси сите македонски медиуми.

Ама па, ако два-тројца поднапиени карневалџии запалиле знаме на друга држава, тоа не значи дека ние сме сите такви. Како вика Заев – ако некој бил фашист во Втората светска војна, не биле сите фашисти.

Целата колумна на Горан Михајловски на „СДК“ на следниот линк.

Back to top button
Close