Македонска ирационалност
Нашата ирационалност може да се препознае низ призма на историјата кога ја славиме, а притоа ги забораваме нашите ослободители. Имам чувство дека тежнееме во нашата сегашност да го прескокнуваме минатото, кон кое група поединци имаат отпор. Историјата не смее да биде селективна туку колективна меморија. Со лажен патриотизам не се гради нација и држава. Историјата веќе се пишува во секојдневниот живот оставајќи длабоки траги кон креирањето иднината. Мајката на знаењето во основа е огромна цивилизациска вредност за минатото во хармонија со развојот на современиот човек низ неговиот пат на усовршување, како најинтелигентното суштество на планетата Земја.

Деновиве, со голема помпезност се прослави 150 годишнината од Разловечкото востание што претставува прекрасен симбол за нашата македонска посебност. Горди сме што во тие дамнешни времиња постоеле луѓе кои ја чувствувале во себе припадноста и македонска посебност. Вистински Македонци – вистински патриоти. Нивното место и улога како врвни македонски револуционери од времето на Отоманската империја, остануваат длабоко всадени во нашата меморија. Токму тие се базичните идеолози на кои што почива денешната македонска посебност како народ , нација и држава и вечна им слава
Сепак, сакам јавно да се искажам дека ме боли фактот што најмалку се пишува за другите дејци кои ја донесоа слободата во нашата Македонија и кои на модерен начин ја изградија татковината во очите на светот. Ја изградија нашата национална, македонска посебност. Тоа се токму комунистите и партизаните кои ја извојуваа буквално со крв и со перо. Им ја должиме нашата македонска посебност. Комунистите кои ја создадоа Македонија не смеат да бидат заборавени. Македонија треба со долна почит да се поклони на своите заборавени херои. Нацијата која ја крие својата историја е нација без иднината.
Токму партизаните беа тие кои што ја извојуваа идејата за посебност, зацртана од нашите великани за време на Отоманската империја.
Македонската посебност не е падната од небо, таа беше извојувана, а ние се трудиме да ги заборавиме вистинските борци. Македонската посебност не е создадена само со зборови и идеја, туку со крв, жртви и државотворна борба. Партизаните треба да бидат чествувани идентично како и комитите. Без партизанска борба, идејата за македонска посебност ќе останеше само историски копнеж, а не државна реалност. Не може да ги прескокнуваме, премолчуваме луѓето кои ја создадоа првата македонска држава призната од цел свет. Со бришење на комунистите и партизаните ги бришеме и темелите на нашата современа Македонија.
Месецот мај за мене е најубавиот месец во годината и величествен за нас Македонците. На 3 мај нашиот Гоце Делчев заминува во вечноста, а 24 мај го празнуваме како Ден на просветители Св. Кирил и Св.Методиј.
Без лажна скромност, овие мајски датуми Македонија ги чествува со голема посветеност. Исто толку, без лажна воздржаност јавно констатирам дека сепак е жално што не се чествуваат и останатите мајски денови за посебно заслужни поединци ќе, кои имаат фундаментален учинок за креирање на нашата македонска посебност и државност.
За многу луѓе, кои ги паметат времињата од бившата СФРЈ, месецот мај се идентификува со Јосип Броз Тито. На 3 мај почина Јосип Броз Тито. Тогашната СФРЈ беше емоционално и општествено во длабока тага. Тагуваа не само институциите, туку сите граѓани на некогашната СФРЈ. Токму Тито беше заслужен што моштите на Гоце Делчев се пренесоа д Бугарија и се ставија во црквата Св.Спас во Скопје. Овој мал чин на посветеност кон Македонија, кон големината на Гоце Делчев само по себе укажуваат дека без оглед што Тито не е Македонец, ја препознал нашата македонска посебност и со љубов ја вклопи Македонија како една од шесте републики на СФРЈ.
Денот 25 мај беше прогласен за Ден на младоста, симбол на креирање заедништвото меѓу сите републики и покраини. Штафетата, со порака за братство и единство на сите Југословенски народи, беше радост и чест. Тито не беше Македонец, но ја препозна македонската посебност кога многумина ја негираа. Кон оваа личност ние Македонците треба да укажеме посебна почит, ако чесно ги анализираме историските факти.
Не смееме да ја заборавиме оваа личност зашто најодговорно беше посветен на нашата посебност.
Не паметам многу такви ,,немакедонци” кои помогнале за македонската кауза за посебност
За време на Разловечкото, Илинденското и останатите востанија, низ Македонија загинале повеќе стотици наши Македонци. За време на Втората светска војна загинаа 24.000 Македонци.
Ги прашувам македонските институции на денешната влада, дали изгубените животи, жртвувани за денешната слобода не треба барем подеднакво да бидат почитувани? Неколку стотици наши комити и 24.000 наши Македонци, борци под име партизани, загинати во Втората светска војна, не е иста бројка.
Го поставувам болното прашање до сите Влади на Македонија, зошто ги криете од историјата вистинските личности кои си ги дале животите за Македонија за време на Втората светска војна? Дека биле комунисти? Дека имињата комунисти и партизани се несреќни имиња во оваа наша сегашност. Дека се стигматизирани?
Засрамете се! Тие комунисти врска немаат со сегашните погрдни термини како ,,комуњари”. Комунизмот како идеологија тогаш владеела во светот, но токму таа ги обедини нашите Македонци, создавајќи ја нашата посебност.
Несомнено, дека и партизаните кои загинале во Втората светска војна биле под силно влијание на силните комити и идеолози врзани за нашата македонска посебност.
Ќе го повторам горливото прашање, па нека е само реторско и без одговор. Зошто бегаме од нашата вистинска историја за нашата национална посебност и државност? Со вртење грб на историјата си го затвораме патот кон иднината, сами себе се поништуваме како употребени поштенски марки.
Еминентните личности кои што беа вклучени во Втората светска војна и ја водеа државата полни 45 години, денес се заборавени или поточно закопани. Зошто?
Почитувана Влада на Република Македонија, со лажен патриотизам не се гради држава. Разбудете се и вратете ги во историјата сите личности кои дале придонес од сите сфери на животот, за нашата национална, македонска посебност.






