Македонската компанија „Сајтрокс“ под санкции на САД поради улога во развојот на шпионскиот софтвер „Предатор“
Компанијата „Сајтрокс“ (Cytrox AD) со седиште во С Македонија, заедно со уште четири други фирми и две физички лица е ставена под санкции од страна на одделот за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД поради улога во развојот на шпионскиот софтвер „Предатор“.
Покрај македонската компанија, под санкции се ставени и грчката компанија „Интелекса С. А“, компаниите „Интелекса Лимитед“ и „Талестрис Лимитед“ од Ирска и унгарската компанија „Сајтрокс Холдинг“. Со санкции се соочуваат и Тал Џонатан Дилијан – основач на конзорциумот „Интелекса“ и Сара Александра Фајсал Хаму – специјалист за корпоративен офшоринг која обезебедувала менаџерски услуги за конзорциумот „Интелекса“.
Сите ентитети, според Министерството за финансии на САД, биле поврзани со конзорциумот „Интелекса“ во поглед на развојот, работењето и дистрибуцијата на комерцијална технологија за шпионски софтвер што се користи за таргетирање Американци, вклучително владини службеници, експерти за политики и новинари.
„Денешните дејства се чекор напред во обесхрабрувањето на злоупотребата на алатките за комерцијален надзор, кои сè повеќе претставуваат безбедносен ризик за САД и нашите граѓани. САД остануваат фокусирани на воспоставување јасни заштитни огради за одговорен развој и употреба на овие технологии, истовремено обезбедувајќи ја заштитата на човековите права и граѓанските слободи на поединците ширум светот“рече потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон.
Компанијата „Сајтрокс“ со седиште во С Македонија, заедно со уште три фирми од Грција, Унгарија и Ирска беше ставена на американската „црна листа“ во јули минатата година поради обиди за пристап до информациски системи, со цел загрозување на приватноста и безбедноста на поединци и на организации низ светот.
Четирите компании станаа познати поради нивната улога во развојот на малициозниот софтвер „Предатор“, со кој се инфицираат телефонски уреди низ светот. Делови од овој софтвер биле развивани и во Македонија, а според медиумски истражувања и според информации од релевантни институции, за тоа била задолжена фирмата „Сајтрокс“.
Поврзано
Македонската компанија „Сајтрокс“ на „црната листа“ на САД поради шпионски софтвер