Mакедонски органски лешник прв пат се извезува на швајцарски пазар
И во услови на КОВИД-19, семејство од струшкото село Драслајца продолжува со својата успешна бизнис приказна на одгледување органски лешници. Не е отпуштен ниту еден вработен, а не се намалени ни платите. Дури, со нови договори за извоз, очекува одлична продажба во наредните два до шест месеци.
Станува збор за „Нелкоски органик“, бизнис кој со швајцарска поддршка, од 500 стебла лешников насад, денес брои 10 хектари насад и мал преработувачки погон за калибрација, кршење и пакување.
Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ ги поврза „Нелкоски органик“ со добропознатиот швајцарски ланец на супермаркети „Coop“, заинтересирани за органски лешник од Северна Македонија.
-Набавиме машина за вакумирање и сега можеме да ги пакуваме лешниците во големи вреќи од 15 килограми. Оваа технологија на пакување овозможува лешникот да ја задржи потребната природна влажност и подолго да остане свеж во пакувањето. Набавивме и машина за пакување палети, што е едно од барањата на Coop за безбеден транспорт на лешниците, вели сопственикот Бошко Нелкоски.
Нелкоски инвестирале и во метален детектор кој е задолжителен за фирмите кои сакаат да вршат извоз во земјите од ЕУ, како и компресор на воздух за машините.
-Сега се подготвуваме за првата пратка на првокласен македонски органски лешник во Швајцарија. Првиот тон лешници ќе биде испорачан кон „Coop“ во средината на јуни. Доколку успееме да извеземе македонски производи во Швајцарија, што знаеме дека важи за еден од пазарите со најстроги барања во светот, тогаш сме чекор поблиску и до сите останати пазари, вели Нелкоски кој се стреми да има до 30 кооперанти од струшкиот регион.