Македонскиот пат кон ЕУ и гласниот молк на “моќните”
Во ЕУ се поголем замав зема дебатата за потребата за консолидација на европската конструкција соочена со предизвиците какви што се руската агресија на Украина и тектонските промени на геополтиката. Одлука за нов бран на проширувањето ќе биде донесена. Тоа го налага геополитичката реалност.
Какво ќе биде тоа проширување е предмет на дебата во рамките на Советот на министрите, Европскиот Совет, стручната јавност насекаде во Европа.
Наредната година ќе се случат два мошне важни настани за Европа. Во мај се европските избори кои во голема мерка ќе го детерминираат и квалитетот на идниот бран на проширувањето кој го опфаќа Балканот. Потоа пред крајот на 2024 година се и изборите во САД кои исто така имаат огромно влијание за демократијата и стабилноста на целиот европски континент што ќе има и директни консеквенции за квалитетот на животот на оваа но пред се на идната генерација.
За жал Македонија во оваа смисла делува како острово некаде таму на сред Пацификот. Медиумите се обземени со таканаречени полатички теми кои едвај се квалификуваат да бидат ставени на дневен ред на разговорите пред селските кооперации. Разбравме дека со “бугарски диктат” не може, но не разбравме како може и каде и како ќе се позиционира Македонија во овие трусни времиња.
Балканот е и понатаму едно најфрагилна точка на континентот. Економската и енергетска криза станува константа со која тешко се справуваат и најразвиените држави. Велика Британија во јануари 2025 ќе оди на избори и од сега се зборува дали на тие избори може би ќе мора да се отвори прашањето ВБ повторно да и се приклучи на ЕУ на ваков или онаков начин бидејќи сама се потешко се снаоѓа. Што понатаму? Ова е сериозно прашање на кое никој не бара одговор. Со цел респект на сите ставови околу уставните амандмани за продолжување на преговрите во декември кога ќе заврши скринигот ако сме навистина против тогаш ајде да разговараме како поинаку.
Посебно изненадува молкот на бизнис заедницата која во вакви времиња и тоа како би требала да биде засегната од овие геополитички земјотреси. Ако таа бизнис заедница има вистински бизнис малку е чудно што молчи. Токму бизнисот ќе биде првиот корисник на поволностите при влез на заедничкиот европски пазар. Бројките и искуствата на другите се наприкосновени.
БДП на Хрватска, на пример, се зголеми за 75 отсто (од 59 милијарди долари на 79 милијарди долари) откако се приклучи на ЕУ во 2013 година, што се претвори во повисоки приходи за нејзините граѓани, со просечен пораст на БДП по глава на жител од 67 отсто (од 13.900 долари во 2013 до 20.537 долари). Ова се бројки.
Успеав да пронајдам само еден бизнисмен кој гласно се заложил за што поскоро интегрирање во ЕУ. Живко Мукаетов, директор на Алкалоид.
Реплицирајќи на евроскептичните Мукаетов ќе рече:
„Некој ќе рече зошто за компаниите е битно државата да биде членка на ЕУ. Еве ќе докажам преку нашиот пример. Ние уште од пред две години имаме договор да купиме фабрика во Полска, но процесот за тоа да се финализира за нас е три години, а за иста компанија од Полска тој трае една година. Што значи дека за земјите кои не се членки, тој процес е повеќекратно подолг“, објасни Мукаетов.
Подоцна во неговото излагање уште ќе додаде:
“Ако сте квалитетна компанија и доколку сте од земја која е членка на ЕУ, само небото ќе биде граница и за нас, и за сите добри компании кои работат во Македонија“, потенцира Мукаетов.
И не е ни чудо што токму Алкалоид се залага за што побрза интеграција бидејќи има искуства од европскиот пазар. За жал големото мнозинство главно се крсти во Србија и тука по балканските ќошиња.
Го разбирам молкот на добар дел од таа “бизнис” заедница која во овие 30 години воглавно прави огромни приходи на штета на граѓаните преку транге франге тендери и разни токсични политички малверзации. Земјите од источна и централна Европа паметат дури и сериозно организирани отпори на олигархијата во почетокот на милениумот кога нивните земји беа на прагот на членството затоа што тоа членство значеше одземање на “сивите “ привилегии и изложување на конкурентноста на европскиот пазар кој бара квалитет.
Пасивноста на бизнисот во во вака клучни и критични времиња за државата е најмногу индиција за неговиот (не)квалитет. Аргуметот “ние не се мешаме во политика” тука нема никаква врска со тоа напротив нивниот молк носи многу погласна порака која се содржи во желба да се задржиме сами во барата во која единствено може да се лови во матно. Тоа што во таа иста бара ќе потонеме сите за нив е малку важно бидејќи огромните профити на транге франге бизнисот ќе им овозможат евакуација некаде таму во ЕУ за која сега нам, нели…не ни е гајле.
П.С.
Мукаетов го спомнав не затоа што ми платил (тоа е нарацијата на оваа провинција) туку затоа што е единствен што рекол нешто на темата. Ако грешам некој слободно нека ме исправи. Ќе ми биде задоволство да го пренесам.
Борјан Јовановски