Македонското рударство стагнира додека регионот инвестира – Иловица останува најголемата неискористена можност
И покрај позитивните движења во индустријата, македонското рударство продолжува да заостанува. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство во јуни 2026 година е зголемено за 6,5 проценти во споредба со истиот месец лани, но секторот „Рударство и вадење камен“ бележи пад од 3,8 проценти.

Овој тренд трае веќе подолг период и упатува на структурни предизвици во индустрија која традиционално има значајно учество во извозот и регионалниот економски развој. Четирите металични рудници што моментално работат постепено ги исцрпуваат своите резерви, додека повеќе од четири децении во земјата не е реализирана ниту една голема гринфилд инвестиција во металичното рударство.
Во моментов, најзначајниот најавен проект е рудникот за бакар Иловица, чија проценета почетна инвестиција изнесува околу 340 милиони евра. Според инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес“, проектот би можел да придонесе со приближно 3 проценти кон годишниот бруто-домашен производ, како и значително да го зголеми македонскиот извоз.
Дополнително, по измените на Тарифникот за концесиски надоместоци во 2025 година, приходите за државата од експлоатацијата на металични суровини би биле повисоки од првично проектираните. Сепак, проектот останува во застој, што отвора прашања за конкурентноста на Македонија во период кога Европа и светот интензивно инвестираат во обезбедување критични минерали.
Во јавната дебата, сè почесто се истакнува дека современото рударство мора да се развива според највисоки еколошки стандарди, но истовремено не треба да се занемарат неговите економски ефекти. Универзитетската професорка по геологија Соња Лепиткова неодамна оцени дека ваквите инвестиции создаваат висока додадена вредност и отвораат можности за вработување на кадар од различни инженерски и технички области.
„Тоа се скапи проекти од самиот почеток на инвестирање. Таму луѓето работат за големи плати. Таму ќе се примаат не само геолози и рудари, туку и машински инженери, информатичари, сообраќајни инженери, технолози, металурзи, електроинженери… Таму ќе се земаат големи плати и тоа ќе носи развој на вкупниот сегмент на еден простор, па и на целата држава“, изјави Лепиткова.
На сличен став е и претседателот на Здружението на металурзи, професорот Горан Начевски, кој смета дека економските придобивки од ваквите инвестиции се пошироки од самиот рударски сектор.
„Буџетот, како на државата, така и на локалната заедница ќе биде дополнет, ќе има нови вработувања. Покрај рударството и металургијата, ќе бидат вклучени и други сектори – транспортот, енергетиката, градежништвото и инфраструктурата“, истакна Начевски.
Дополнителен економски ефект би почувствувале и локалните самоуправи. Согласно законската распределба на концесиските надоместоци, 78 проценти од средствата се префрлаат во буџетите на општините на чија територија се реализира проектот. Во случајот со Иловица, тоа би значело дополнителни приходи за општините Ново Село и Босилово, кои би можеле да ги насочат средствата кон инфраструктура, образование, здравство, земјоделство и други локални развојни проекти.
Во услови кога Европската Унија и водечките светски економии ги третираат критичните минерали како стратешки ресурс, прашањето за иднината на домашното рударство станува не само индустриско, туку и економско и развојно прашање. За Македонија, предизвикот останува како да го претвори својот минерален потенцијал во нов инвестициски циклус што ќе придонесе за повисока конкурентност, извоз и долгорочен економски раст.






