ССНМ: Новинарите мораат да имаат пристап до информации
ССНМ предупредува дека ограничувањето на пристапот до информации од јавен интерес и неодговарањето на новинарски прашања се сериозен предизвик за транспарентноста и слободата на медиумите. Синдикатот повикува Владата да воспостави отворена и професионална комуникација со медиумите, со цел новинарите непречено да ја исполнуваат својата улога во интерес на јавноста.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија со загриженост констатира дека се појавува пракса во која Владата систематски одбива да одговара на новинарски прашања и го ограничува пристапот до информации од јавен интерес. Истата се повтори и на вчерашниот настан на кој владиниот пи-ар одговараше селективно на новинарски прашања.
Обврска на Владата е да комуницира транспарентно со јавноста. Молкот не смее да биде политика, а новинарските прашања не смеат да останат без одговор. На овој начин новинарите не можат да добијат верификација на информациите кои ги бараат, а прес-конференциите не смеат да се претворат во монолози без простор за прашања.
ССНМ потсетува дека пи-ар службата на Владата има јасна обврска да одговори на секое новинарско прашање – без право да толкува дали прашањето „заслужува“ одговор или не. Одлуката за тоа кои прашања се релевантни не се во надлежност на владините комуникациски служби – тоа е во надлежност на новинарите, медиумите и јавноста. Ваквата пракса не смее да продолжи.
Исто така, ССНМ бара од владините претставници задолжени за комуникација со медиумите да комуницираат со новинарите со почит и професионализам.
ССНМ бара Владата итно да воспостави редовна и отворена комуникација со медиумите, да овозможи пристап до информации од јавен интерес и да ги почитува стандардите на медиумската слобода загарантирани со Устав.






