Маките на Вучиќ и Курти

Процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово, колку и да е тежок, полесно се одвива на меѓусебните средби меѓу претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти и со американско-европските посредници, отколку тензиите што ги чекаат во Белград и во Приштина. Изгледа тоа е непишано правило на Балканите. Полесно е со противниците отколку со домашните.

Ништо не се маратонските преговори, монолози и дијалози по 12 и 15 часа наспроти маките на Вучиќ и Курти кои се драматично поголеми дома, пред своите противници, каде нема олеснувачи, туку само отежнувачи меѓу кои најгласни се самите политички лидери Вучиќ и Курти кои ги водат преговорите.

Апсурдната балканска ситуација е во фактот кога и двајцата политички лидери стануваат жртви од бербата на веќе узреаните отровни плодови од овошките кои одамна самите ги засадија и на кои се потпираа нивното владеење и изборни победи. Сепак полесно му е на премиерот Албин Курти, барем навидум, со неговите противници на Косово, отколку на претседателот Александар Вучиќ.

Србија е на нозе, се крева постојаната тревога за Косово на уште повисоко ниво за дефинитивно предавство на националните и државни интереси, за конечна распродажба на колевката на српството. Овојпат на удар е самиот Вучиќ, во него се пука од неговото оружје. Најсилни аргументи на отпорот против Договорот и Охридскиот анекс за спроведување на договореното се црпат од долгогодишните доктрини и стратегии на Вучиќ за Косово како света српска земја која се сведе на заедница на српските општини како гаранција за безбедноста и правата на Србите на Косово.

Последната рунда од преговорите за нормализација на односите Белград-Приштина, со посредство на ЕУ, се одржа во Охрид на 18 март 2023 годинаПоследната рунда од преговорите за нормализација на односите Белград-Приштина, со посредство на ЕУ, се одржа во Охрид на 18 март 2023 година

Наглиот пресврт во промена на ставот на Вучиќ кон историски исчекор на Србија за понудата од ЕУ и од Америка, која не може да се одбие, а не може ни да ја запре силната инерција по која се движи Србија уште од времето на Слободан Милошевиќ и од распадот на Југославија и сите крвави војни, илјадници жртви, злосторства и разорувања кои настанаа на територијата на Југославија. Дури и убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ не можеше да го ублажи тоа соочување со реалноста дека Косово е изгубено уште пред 150 години. Денес, по век ипол, тоа го кажа и претседателот Александар Вучиќ.

 

Сите тргнуваат од наративот на загрозеност на државата

Е, тоа макар и изгубено Косово беше извонредна добитна фиксна комбинација при сите промашувања, катастрофални грешки, неброени загуби во луѓе и добра, но затоа носеа големи изборни победи на десничарските и радикалните политички партии. Кога е во прашање Косово во Србија нема лево, десно, или центар. Сѐ е подесно од десно затоа што сите тргнуваат од наративот на загрозеност на државата и српскиот народ. Нешто што и нам во Македонија ни е добро познато сите овие 32 години на независност и постојана загрозеност.

На тоа сега се потпира кампањата на претседателот Вучиќ и неговата политичка партија. Неговиот караван забрзано патува низ Србија на народни собири со мотото „Народен покрет за државата“. Целата иконографија е за спасување на Србите на Косово со додавка на мотото на претседателот Вучиќ „да излеземе од калта и да одиме напред“, се разбира, по брза пруга кон членство во ЕУ.

Српскиот претседател е во фаза кога ги прифаќа Договорите, но не ги потпишува, не го признава Косово, а признава дека нема да прави пречки за точката која означува зачленување на Косово во сите меѓународни асоцијации и сојузи вклучувајќи ги и ЕУ и НАТО и ОН, се разбира, ако нема вето. Од друга страна, не му е тешко, онака патем, да им каже јавно на граѓаните на Србија и на неговите политички противници дека „не можете во преговорите да бирате само тоа што ви се допаѓа, а да го одбивате тоа што не ви се допаѓа.“ И тоа ни е добро познато од нашите децениски разговори и преговори со соседите.

Она што би требало да предизвика посебно внимание и соодветни поуки во Македонија на контото од Договорот меѓу Србија и Косово е повеќе пати нагласено искажаната порака до релевантните политички партии и лидери, се разбира и до граѓаните на Македонија е дека овој процес на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина е од исклучителна важност за целиот регион за забрзување на процесите за прием во членство на ЕУ на земјите од западен Балкан.

 

Лажната крилатица и ние сме за ЕУ

Не е во прашање само фактот кој е јасно видлив, дека ако Србија и Косово можат да се договорат за најтешкиот територијален, историски, национален и идентитетски проблем, сѐ друго е далеку полесно и побезболно. Во суштина, цврстата решеност на ЕУ и на Америка за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ и во НАТО предизвикана од новите геостратегиски поместувања по руската инвазија во Украина наметнува нови правила за спроведување на договорите. Кој тоа не може да го види брзо ќе го прегази времето.

Опозицијата во Македонија решението го гледа во предвремени парламентарни избори почнувајќи од 2017 година. И по одржаните избори и поразот во 2020, повторно е тоа најважното прашање за ВМРО ДПМНЕ и за партискиот врв. Сите јавни настапи на претседателот Христијан Мицкоски почнуваат и завршуваат со одржување на тензијата за предвремени парламентарни избори како единствено решение. Има некои помалку видливи придвижувања во неговите јавни настапи кои навестуваат дека во моментот најголемата пречка да се забрзаат преговорите со ЕУ е само во фактот што коалицијата на власт нема двотретинско мнозинство. Притоа не се исклучува можноста ако ВМРО ДПМНЕ победи на изборите и обезбеди 80 гласа во парламентот дека ќе ги донесе уставните промени по кои и македонските Бугари и Хрватите и Црногорците и Евреите ќе се приклучат на етничките заедници кои се присутни во македонскиот устав. Факт кој до неодамна не беше спорен ниту за ВМРО ДПМНЕ, но сега јавнати на бранот на тензиите меѓу Бугарија и Македонија станаа податливи за предизборни кампањи во двете соседни земји. Притоа скапоцено изгубеното време со ризик да се оди во неизвесност и во многу понеповолни околности не значат ништо во споредба со освојување на власта.

Договорот меѓу Србија и Косово доколку се имплементира како што се предвидува во Охридскиот анекс открива и една друга поучна работа која во Македонија се пласира како опасна релативизација за спречување на преговорите со ЕУ. Тоа што е договорено и влезено во преговарачката рамка не може да се избрише. Таквиот обид значи и поништување на Договорот и замрзнување на преговорите и на финансиската помош. Таа предизборна доктрина кај нас искажана во разни варијанти гласи како наводно никогаш неспорна определба на сите релевантни политички партии заедно со мнозинството граѓани дека цврсто го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ и во НАТО. Но задолжително се додава: не под понижувачки наметнати услови.

Тие понижувачки услови се уставните промени за влезот на Бугарите во Уставот и евентуалните натамошни бугарски вета во преговорите со ЕУ. Притоа не се кажува дека со тоа се бришат условите од усвоената преговарачка рамка, што практично означува блокирање на преговорите и членството во ЕУ, не од соседите, туку од домашните наводни поддржувачи на ЕУ.

Ете тоа е тоа дека не можете да го бирате само тоа што ви се допаѓа, а да го одбивате тоа што не ви се допаѓа. Затоа лажната крилатица, ние сме за членство во ЕУ, е вршење на празна слама ако не се прифатат договорените компромисни решенија. Народниот покрет на Вучиќ за државата, да ја извлече Србија од калта, во Македонија ќе се одвива на еден друг колосек во барање на меѓупартиски консензус, но со иста цел да се излезе од балканскиот батак дојден до гуша.

Ерол Ризаов

Извор: дв

Back to top button
Close