Макрон е подготвен за состанок со Скопје и Софија, кога ќе дојде време за тоа
Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека кога ќе дојде време за тоа, подготвен е да ги пречека властите на Бугарија и Северна Македонија во Париз, со цел склучување билатерален договор кој ќе овозможи отпочнување на преговорите за пристап на земјава во Европската Унија.
По разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, Елисејската палата потсети оти Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, веќе неколку недели ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете земји.
За време на разговорите, францускиот претседател ја изразил својата целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и ќе ја консолидира европската перспектива на Северна Македонија, како и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства.
Вчера, пак, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека Франција како претседавач со ЕУ ги олеснува разговорите помеѓу двете страни, но оти не постои конкретен предлог на маса за решавањето на спорот помеѓу Скопје и Софија.
„Во рамките на нивните ингеренции и капацитет тие помагаат во фасилитирање на разговорите помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, меѓутоа не постои конкретен предлог на маса којшто ќе каже ова е тој предлог, бидејќи сепак треба ние да изнајдеме решение како соседи што ќе биде навистина основа за да можеме да градиме добрососедски односи и да претставува основа за одржување на прва меѓународна конференција за нашата држава со ЕУ – изјави премиерот.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи во гостување на „ТВ Сител“ потврди дека нема конкретен француски предлог, но рече има голем ангажман од француското претседателство и личен интерес од страна на претседателот на Франција Емануел Макрон. Како што посочи и самиот, Франција во овој период се обидува да го тестира расположението на сите земји членки, притоа имајќи јасен свој став во процесот.
Но, нагласи дека ние не оставаме ништо на случајноста и секојдневно го информираме француското претседатлство за ставовите, ризиците, варијантите и за можностите.
„Се уште нема предлог од француското претседателство што дава некакви насоки дали може нешто да биде во делот на човковите права, како услов во преговарачката рамка. Правиме максимално што можеме од наша страна, меѓутоа не зависи само од нас – дециден е Османи.