Макрон: Нова руска мобилизација на 300.000 луѓе е реално сценарио

Нова руска мобилизација на 300.000 луѓе за војната против Украина е сценарио што ни се чини реалистично и за кое често се дискутира, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за телевизиските канали Те Еф 1 и „Франс 2“.
– Сигналот што Русија во моментов го испраќа е дека е подготвена да предизвика уште повеќе жртви за да го заземе целиот Донбас – рече Макрон, додавајќи дека од почетокот на инвазијата врз Украина војната веќе ја чинела Русија околу 1,2 милиони луѓе — ранети или загинати.
Францускиот претседател предупреди дека и Франција би можела да биде цел на обид за напад со дрон натоварен со експлозив, слично на инцидентот на аеродромот во Лајпциг на почетокот на август, кој Германија ѝ го припиша на Русија. Тој додаде дека Франција сè уште не била цел на такви напади, но дека такво нешто е можно бидејќи Русија смета дека „Европа е стратешката длабочина на Украина“.
Во врска со тврдењата објавени во дел од странските медиуми, Макрон демантираше дека Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) ги информирала француските служби за можен напад со руски дронови врз јужна Франција.
Во однос на соработката на Блискиот Исток, Макрон соопшти дека Франција ќе испрати војници, радарски и системи за противвоздушна и противракетна одбрана во Саудиска Арабија за заштита на пристанишниот град Јанбу на Црвеното Море, кој има клучна улога во транспортот на енергенси.
„Тоа е договорот што го финализиравме со Саудијците. Ќе испратиме воени ресурси, односно војници, радарски системи и одбранбени системи, за да го заштитиме ова место. Не за да се вовлечеме во какви било конфликти, туку за да го заштитиме ова место“, изјави Макрон.






