МАСИТ ја демантира ВМРО-ДПМНЕ дека нејзин претставник одлучувал за доделување грантови од ФИТР и не поднел анкетен лист
Ваквиот демант од МАСИТ доаѓа откако минатата недела ВМРО-ДПМНЕ во аферата што ја објавува под името „Тајни имоти“ обвини дека Цоневски како член на Комитетот за одобрување на инвестиции во ФИТР не поднел имотни листи.
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција на 26 октомври.
Наспроти него, кој го наведе Цоневски за член на Комитетот за одобрување на инвестиции, од МАСИТ наведуваат дека телото во кое членува нивниот претставник е Комисијата за оцена и предлог кандидати за избор на членови на Комитетот за одобрување на инвестиции при ФИТР. Таму тој имал волонтерски ангажман и немал никакви функционерски овластувања.„Станува збор за Комисија од времен карактер која има конкретна оперативна задача во насока на утврдување на критериуми за селекција за избор на членови на Комитетот. Целосно невистинити се тврдењата дека во активностите на оваа Комисија се одлучува за доделување на било какви грантови. При ова, Комисијата не располага со буџет и никакви буџетски или други средства од кој било вид и како член Цоневски не располага со било какви јавни овластувања и функции. Согласно вообичаеното разбирање на правната струка на членот 82 од Законот за спречување на корупцијата, ваквиот вид на ангажман не подлежи на пополнување и доставување на анкетни листови, ниту пак Цоневски има претходен статус со кој би имал ваква обврска ниту, пак, тоа некој му го побара – велат во демантот од МАСИТ, потпишан од Управниот одбор на оваа комора.
Оттаму нагласуваат и дека ваквите неосновани обвинувања покрај лично вознемирување нанесуваат штета и кон друштвата и организациите, а и демотивираат во иднина професионални да се ангажираат и да го споделуваат своето искуство и знаење во служба на јавниот интерес.
Во продолжение го објавува интегрално демантот на МАСИТ за обвинувањата од опозициската партија:
„Стопанската Комора за Информатички и Комуникациски Технологии – МАСИТ Скопје е доминантен претставник на друштвата од ИКТ индустријата со многугодишно кумулирано искуство на фирмите членки и нивните претставници. Во такво својство, од МАСИТ е побарано да делегира лице – претставник во Комисијата за оценка и предлог кандидати за избор на членови на Комитетот за одобрување на инвестиции при ФИТР и за таа цел е предложен Теди Цоневски. Цоневски е долгогодишен учесник во работата на МАСИТ на волонтерска основа, во најразлични својства во органите на Комората, како врвен професионалец и лице со високи референтни познавања на проблематиката во и околу ИКТ индустријата. Во таа насока е и неговиот волонтерски ангажман како член во Комисијата за оценка и предлог кандидати за избор на членови на Комитетот за одобрување на инвестиции при ФИТР. Станува збор за Комисија од времен карактер која има конкретна оперативна задача во насока на утврдување на критериуми за селекција за избор на членови на Комитетот. Целосно невистинити се тврдењата дека во активностите на оваа Комисија се одлучува за доделување на било какви грантови. При ова, Комисијата не располага со буџет и никакви буџетски или други средства од кој било вид и како член Цоневски не располага со било какви јавни овластувања и функции. Согласно вообичаеното разбирање на правната струка на членот 82 од Законот за спречување на корупцијата, ваквиот вид на ангажман не подлежи на пополнување и доставување на анкетни листови, ниту пак Цоневски има претходен статус со кој би имал ваква обврска, ниту пак тоа некој му го побарал. Пополнувањето и доставувањето на анкетен лист, доколку било потребно и побарано, во секој случај би било сторено.
Сметаме дека неоснованото обвинување на Цоневски, покрај личното вознемирување, всушност нанесува штета кон друштвата, организациите и особено кон поединците кои без надоместок, мотивирани исклучиво со најдобри намери, даваат несебичен придонес во покачување на општествените и државните стандарди на работењето. На ваков начин се демотивираат и организациите како МАСИТ и особено истакнатите поединци професионалци да го споделат своето искуство и знаење во служба на јавниот интерес“.