Меџити го демантира Мицковски- немаме договор за менување на грбот
Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, вечерва во гостување во „24 анализа“ рече дека нема договор со ВМРО-ДПМНЕ за промена на државниот грб. Според него, иако во минатото имало договор за ова помеѓу Али Ахмети и Никола Груевски, грбот сепал не е сменет.
„Јавна тајна е дека имаше договор потпишан меѓу Ахмети и Груевски за да се смени грбот, но сега немаме договор со ВМРО-ДПМНЕ за промена на грбот и во принцип ние разговараме за сите прашања. Очигледно е дека и грбот и химната потекнуваат од комунистичко време и не ја одразуваат баш како што треба реалноста. Химната треба да одрази реалноста и да ги има и другите заедници и да ја чувствуваат сите граѓани како заедничка. Битката била заедничка. Да биде инклузивна и да се чувствуваат сите важни“, рече Меџити.
Тој рече дека отворено прашање е и албанскиот јазик, за кој, според него, формулацијата со 20 отсто е омаловажувачка и потценувачка за втората заедница во Македонија.
„Нас нè тангира тоа што сите знаеме дека 20% е за албанскиот јазик и тоа не е добро чувство за албанците и за албанскиот јазик. На републичко ниво втор јазик кој се зборува е албанскиот јазик, а на локално може и да има други јазици. Нас приоритет ни е албанскиот јаик кој е во дух и на Охридскиот рамковен договор“, додаде Меџити.