Медицински сестри од Онкологија ги демантираат тврдењата на Мицкоски: Сите евиденции што ги водиме се достапни за проверка на надлежните органи

Од административен аспект, односно водење евиденција, на сите одделенија и дневните болници, има уредно, редовно и секојдневно евидентирање на сите работи во амбулантско-хоспитален дневник, архива на требувања, компјутерска проверка во секој момент е достапна и се однесува на салдо во моментот, опијатни тетратки, тетратка на потрошени цитостатици – картици, се вели во денешната реакција на медицинските сестри од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје.

Со реакцијата, медицинските сестри ги демантираат тврдењата за работењето на клиниката, изнесени на 2 ноември на прес-конференција од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тие ги демантираа тврдењата на Мицкоски дека во амбулантскиот дневник, медицинскиот персонал го запишувал остатокот од неискористените лекови, како да е даден на друг пациент, без писмени докази дали лекот навистина е даден или е фрлен.

Погоре наведените евиденции што ги водиме, како што се додава во демантот, се достапни за проверка на надлежни органи и „со ова, во целост ја демантираме таа изјава“.

Оттаму наведуваат дека сите лекови кои се требуваат од аптека и има остаток од истите, се употребуваат за следни пациенти. Остатокот, како што додаваат не се фрла, со цел нивна заштеда и тој е уредно евидентиран во амбулантски дневник во Одделот за цитостатска терапија – Дневна болница.

Во демантот на медицинските сестри се негира и тврдењето на Мицкоски во врска со „давањето лекови во торбичка“, како и дека им се давале лекови на пациенти надвор од клиниката.

Медицинските сестри од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје во денешниот демант апелираат да престанат препукувањата на политичките партии преку Клиниката и да се остави таа да функционира нормално и без какви било притисоци, со цел да се заштити здравјето на пациентите, кои секој ден доаѓаат таму и се лекуваат, како и вработените во истата клиника.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција во четвртокот презентираше Извештај од Фондот за здравствено осигурување од извршена вонредна финансиска контрола на условниот надоместок во Универзитетската клиника за радиологија и онкологија за периодот од 1 август 2021 година до 1 август 2023 година.

Извештајот, како што истакна Мицкоски, покажува дека лековите за пациентите доцнеле, а за тоа никој не испратил допис и не биле раскинати договорите со набавувачите, немало контрола при аплицирањето на лековите што им се даваат на пациентите кои лежат на Клиниката и се давале лекови на пациенти кои требало да ги примат на друга клиника, а за тоа нема никаква потврда дали тие лекови ги примил пациентот.

Сите документи, како што најави, ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, а од Анкетната комисија во Собранието бараат да го прошири опфатот и со овој период од извештајот.

Back to top button
Close