Мерц: За царините со САД членките на ЕУ можат да преговараат само заедно

Царинска војна им нанесува штети на сите и во таков вид на војна никој не е победник, порача денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц на заедничка прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Брисел.

– Ескалацијата на спорот за царините не е добра идеја. Најдоброто нешто би било тие да се сведат на нула за се и за сите, истакна Мерц говорејќи за царините на увозот на стоки од ЕУ воведени од страна на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Мерц информира дека вчера телефонски разговарал со Трамп, при што му честитал за постигнатиот трговски договор меѓу САД и Велика Британија, при што му порачал дека такво нешто не можно да се прави со земјите членки на ЕУ одделно, бидејќи тие за трговијата преговараат заедно.

– Мојот впечаток беше е дека тој го прифати тоа и сега знае дека може да преговара само со сите нас заедно, рече Мерц, додавајќи дека Трамп го поканил да го посети Вашингтон.

Според Мерц, во САД започнува дискусијата за штетите од царините по американската економија и луѓето почнуваат да го согледуваат тоа, што би можело да резултира со напредок во трговските преговори меѓу Брисел и Вашингтон.

Тој додаде и дека кога се зборува за царините, треба се говори и за меѓусебното признавање на технолошките стандарди, што е исто толку важно прашање, колку и висината на царините.

Мерц додаде дека во телефонскиот разговор, Трамп го информирал и за неговиот план за 30-дневен прекин на огнот, за кој изрази поддршка, истакнувајќи дека сега е потребно да се натера Русија да се согласи на подолг прекин на огнот, што ќе создаде простор за постигнување вистински мировен договор.

– Ја повикуваме Русија да се приклучи на патот кон траен договор, а доколку тоа не се случи, нема да се двоумиме да го зголемиме притисокот преку санкции заедно со нашите европски партнери и САД, изјави германскиот канцелар.

Мерц нагласи и дека ЕУ мора да продолжи со поддршката на Украина во справувањето со руската агресија, потенцирајќи дека тој лично „цврсто стои зад Украина и украинската кауза“.

– Ќе направиме се што можеме за да заврши оваа војна што е можно побрзо, но тоа може да се постигне само заедно со Украина. Украинците треба да бидат вклучени во тоа и треба многу јасно да ставиме до знаење каде стоиме и дека тоа е на страната на Украина. Драго ми е што гледам дека е така низ цела ЕУ, со еден или два исклучоци, истакна Мерц.

Според него, ЕУ во исто време треба да работи на заокружување на единствениот европски пазар, кој е јадрото на конкурентноста и на зајакната интеграцијата на пазарите на капитал, но во светлината на актуелните случувања мора да ги здружи силите во изградбата на европската одбранбена индустрија и да обезбеди достапно финансирање за набавка на опрема за потребите на одбраната.

Тој истакна дека верува оти е единствениот германски канцелар кој на почетокот на својот мандат го посети не само Париз, туку и Варшава, што е клучен симбол за важноста на соработката меѓу Германија, Франција и Полска.

– Но, тоа не значи дека ќе се фокусира само на големите земји членки. Не, јас ставам голем акцент и на малите и средните земји во ЕУ. Секој треба да може да и верува на Германија. Секој треба да знае дека може да се потпре на Германија и на новата германска Влада, додаде Мерц.

Мерц изрази задоволство што е присутен во Брисел на Денот на Европа кога се одбележуваат 75 години од Шумановата деклатација, која ги постави темелите на политичка соработка во Европа, првично во индустријата за јаглен и челик, но потоа и во други сектори, преку Европската заедница за атомска енергија и Европската економска заедница, па се до Европската Унија каква што е денес.

– Федералната влада на Германија има јасен став дека сака да бидеме силно вклучена во Европската Унија. Сакаме да го донесеме нашето долгогодишно искуство и да имаме активна улога во Европскиот совет и во сите совети на министри. Германија треба да покаже дека сме длабоко посветени на Европа, што е во интерес на Европа, но е и во интерес на Германија, рече Мерц.

Кошта од своја страна истакна дека Германија е многу доверлив партнер и придонесува во зајакнувањето на ЕУ, во премостување на разликите и во зацврстување на единството и дека од новата германска Влада очекува нова енергија во напорите за продолжување на изградбата на Унијата.

– Германија е клучен столб на нашата Унија, а посилна Германија е од суштинско значење за нашата економија и нашиот капацитет да се соочиме со различните предизвици во светот, додаде Кошта, изразувајќи надеж на успешна соработка со Мерц во реализација на заедничките приоритети поврзани со конкурентноста, безбедноста и миграцијата.

Back to top button
Close