Мицкоски очекува Обвинителството да преземе мерки за информациите оти бил следен
Премиерот Христијан Мицкоски очекува Јавното обвинителство по допрен глас да преземе мерки во врска со информациите што тој вчера ги изнесе од собраниската говорница, оти претходната власт незаконски го следела под обвинување дека е организатор и финансиер на параполициско воено вооружена формација.
Да видиме, рече премиерот, дали овој глас ќе допре до нив.
Мицкоски се надоврза на она што вчера го кажа одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, посочувајќи дека една од безбедносните агенции располагала со наводни информации дека е организатор на вооружени терористички структури, а оти за тоа не го информирала МВР зашто во тој период во 2020 година технички министер бил Наќе Чулев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова било само начин преку монтажа да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ“,рече Мицкоски.
Одговарајќи на пратенички прашања, премиерот вчера обвини дека поранешната власт на СДСМ и ДУИ преку тогашните безбедносни служби незаконски биле следени тој и нивното семејство, под лажно обвинување дека како лидер на опозицијата бил организатор, финансиер и нарачател на „параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи“.