Мицкоски: Подготвени сме да разговараме со Бугарија за уставни измени со одложено дејство
Процесот на европска интеграција е двонасочна улица, смета премиерот Христијан Мицкоски, според кого не е прашање дали политичарите во Македонија имаат волја да гласаат за уставните измени, со кои Бугарите во земјава ќе бидат вклучени во основниот закон, со што земјава ќе може да ги започне вистинските преговори со ЕУ.
-Граѓаните, политичките партии во последните три децении повеќепати ја покажаа својата волја, прашање е дали Брисел има волја да го реши овој проблем. Затоа што ако има волја во Брисел, има начин, рече Мицкоски во синоќешното гостување во централниот дневник на телевизија „Алсат М“.
Според него, треба да се знае што планира Европската Унија за земјата.
-Имаме целосно синхронизирана надворешна политика и безбедносна политика со Европската унија и постојано ги следиме процесите што ги води ЕУ, но, за жал, последните две и пол децении од официјалното започнување на ова наше патување кон полноправно членство беа исполнети со многу предизвици. И овие предизвици се вештачки и овие предизвици секогаш се однесуваат и влијаат на македонскиот идентитет, сите без исклучок. Многупати во минатото беше засегнат македонскиот идентитет и се правеа отстапки на сметка на македонскиот идентитет, рече Мицкоски, според кого евроинтеграцискиот процес на земјава станува билатерален.
Мицкоски ја повтори својата поента дека владата во Скопје е подготвена да разговара со бугарската влада за нејзиниот предлог да стапат на сила уставните измени во земјава, но откако Македонија ќе стане членка на ЕУ.
-Имаме предлог кој е образложен неколку пати и е логичен. Да ги завршиме преговорите и да видиме што и како ќе правиме. Да видиме што ќе биде со пресудите од Стразбур за македонската заедница во Бугарија, да видиме конечно за македонскиот идентитет, за јазикот итн. Имаме многу отворени прашања за кои треба да се разговара. Подготвени сме, сакаме да разговараме и да дебатираме и да најдеме решение. Затоа реков дека ако има волја, има и решение, но за тоа се потребни двајца, кажа Мицкоски