Мицотакис ја изразил грчката поддршка за Украина и ја истакнал потребата од 30-дневно примирје

Потребен ни е итен и безусловен 30-дневен прекин на огнот, како прв чекор кон праведен и траен мировен договор, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на платформата Икс, по неговото учество, преку видеоконференција, на лидерскиот состанок за Украина, свикан од францускиот претседател и британскиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кабинетот на Мицотакис соопштија дека грчкиот премиер ја повторил поддршката на Грција за Украина и „потребата од итно спроведување на безусловно 30-дневно примирје, како што заеднички предложија американските и европските сојузници“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и премиерите на Обединетото Кралство и Полска — Кир Стармер и Доналд Туск, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев одржаа состанок со виртуелно присуство на останатите лидери од т.н. „Коалиција на подготвените“ за да ја изразат поддршка за Украина и да го повторат повикот на САД за „целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот“.

Back to top button
Close