Милијардерите и новинарството

Една шокантна вест за медиумите во Америка покажа на најпластичен и на извонредно директен начин колкаво е американското влијание врз остатокот од светот и колку за неговиот поредок и иднина се важни изборите на 5 ноември. Речиси во секоја земја на планетава се прават дипломатски, економски и безбедносни пресметки што ќе значи доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа или ако Камала Харис стане првата жена претседател на САД.

Додека течеа последните две недели од исцрпувачката кампања на Харис и Трамп, одлуката на менаџментот на „Вашингтон пост“ (а не на уредништвото), но во основа на сопственикот, милијардерот Џеф Безос, весникот да не поддржи ниеден кандидат во  претседателската трка,  го преврте наопаку целиот медиумски пејзаж во Америка, се поткопаа одредени непишани правила, ја урна довербата во еден од најважните весници во светот, ја доведе во хаос редакцијата, го поттикна страшниот бран на откажување на дигиталните претплати и ги стави во преден план интересите на најбогатите. Всушност, на екстремно богатите. На оние коишто сакаат да имаат уште повеќе. Како Џеф Безос, кој вчера, на 1 ноември, според „Форбс“, имаше проценето богатство од 217 милијарди долари и беше втор на листата. Пред него е само  Илон Маск.

Веројатно многумина од вас го гледале чудесниот филм „Сите луѓе на претседателот“ на Ален Пакула, кој ја раскажува работата на двајцата легендарни новинари Боб Вудворд и Карл Бернштајн кои ја открија аферата „Вотергејт“, нивните макотрпни потраги по корумпираноста и злоупотребите на тогашната американска администрација, одважноста на уредништвото и издавачот, и чија работа (заедно со онаа на другите големи медиуми, како „Њујорк тајмс“) најпосле доведоа до оставка на Ричард Никсон во 1974 година. Единствениот американски претседател кој го сторил тоа. Времињата се променети. И луѓето во нив. И весниците. И издавачите. И сопствениците. И општествениот кураж на најбогатите. И структурата на најбогатите. Затоа ваквата работа сега изгледа невозможна. Дури и во Америка и во нејзиниот извонредно силен и професионален медиумски простор. „Вашингтон пост“ редовно се изјаснува за поддршка на некој од претседателските кандидати од 1976 година (во годините кога тоа стана норма во американското весникарство), освен во 1988. Секогаш тие давале поддршка за кандидатите на Демократите.

Како течеше драмата

Да го погледнеме редот на настаните кои предизвикаа драма и во новинарството и во политиката.

Минатата недела „Вашингтон пост“ објави дека неговиот уреднички тим одлучил да не поддржи ниеден од претседателските кандидати, повикувајќи се на независност на весникот и порачувајќи дека читателите се тие кои самите треба да одлучат потенцирајќи го известувањето на неговите репортери. Уредникот на можеби најважната рубрика во секој голем американски весник – онаа за колумни и редакциски коментари – Дејвид Шипли, соопшти дека тој ја донел таа одлука. Но уште од првиот момент, велеа американските познавачи на медиумите, а и луѓето внатре во редакцијата, беше јасно дека наредбата дошла одозгора. Од издавачот Вил Луис, кого Безос го донесе како трансплант од медиумската империја (главно таблоидна) на Руперт Мардок во Британија. И уште повеќе – дека одлуката била донесена од самиот врв, од сопственикот Џеф Безос, кој го купи „Вашингтон пост“ во 2013 за 250 милиони долари.

Марти Барон, поранешниот уредник на „Пост“, во петокот ги критикуваше лидерите на весникот по одлуката. „Ова е кукавичлук, а демократијата е нејзина жртва“, напиша Барон на Твитер/Х.

Дејвид Хофман, кој неодамна ја освои Пулицеровата награда за неговата серија во „Вашингтон пост“ за „новите технологии и тактиките што ги користат авторитарните режими за да го потиснат несогласувањето во дигиталната ера“, поднесе оставка од уредничкиот одбор и во писмо изјави: „Верувам дека се соочуваме со многу  реална закана од автократија во кандидатурата на Доналд Трамп.  Сметам дека е неодржливо и несовесно што го изгубивме гласот во овој опасен момент“.

Околу 20 колумнисти во „Пост“ потпишаа заедничка изјава во која се вели дека одлуката е „напуштање на основните уреднички убедувања на весникот што го сакаме“.

Боб Вудворд и Карл Бернштајн, чии приказни за упадот во Вотергејт за време на администрацијата на Никсон му ја донесоа на весникот Пулицеровата награда за јавна служба, во изјавата рекоа: „Ја почитуваме традиционалната независност на страницата за колумни и коментари, но оваа одлука 11 дена пред претседателските избори во 2024 година ги игнорира огромните репортерски докази на ‘Вашингтон пост’ за заканата што Доналд Трамп ја претставува за демократијата“.

„Под сопственост на Џеф Безос, информативната операција на ‘Вашингтон пост’ ги искористи своите изобилни ресурси за ригорозно да ја истражи опасноста и штетата што второто претседателство на Трамп би можело да ја предизвика за иднината на американската демократија и тоа ја прави оваа одлука уште поизненадувачка и разочарувачка, особено доцна во изборниот процес“, рекоа Вудворд и Бернштајн.

Во една чудна коинциденција, истиот ден кога „Пост“ ја откажа наводната планирана поддршка на Харис се одржа состанокот меѓу директорите на вселенската компанија на Безос, Blue Origin, со Трамп, што исто така предизвика загриженост.

Соопштението за не-поддршка дојде неколку дена откако Мариел Гарза, шефот на коментаторскиот тим на „Лос Анџелес тајмс“, поднесе оставка во знак на протест откако сопственикот на тој весник, Патрик Сон-Шионг, одлучи да не се даде претседателска поддршка.

„Давам оставка затоа што сакам да разјаснам дека не ми е добро да молчиме“, изјави Гарза за Columbia Journalism Review. „Во опасни времиња, чесните луѓе треба да се исправат. Вака стојам“.

Сон-Шионг, како Безос, е милијардер. Тој го купи весникот во 2018 година, во времето кога тој многу страдаше, и подигна големи надежи за негово повторно оживување.

Во саботата, издавачот на „Пост“, Вил Луис, даде изјава во која ги негираше нашироко распространетите наводи дека имало веќе подготвен текст за поддршка на Камала Харис и дека Безос имал улога во откажувањето на планираната поддршка.

„Не верувам во поддршки за претседател“, напиша Луис во нова изјава во неделата. „Ние сме независен весник и треба да ја поддржиме способноста на нашите читатели сами да одлучуваат“.

Одлуката на „Вашингтон пост“ да се откаже од поддршка за претседателски кандидат го следеше растечкиот тренд во бизнисот со весници, каде главно се намалуваат приходите и читателите.

„УСА тудеј“, во сопственост на „Ганет“, медиумска компанија која е најголем новинарски издавач, со петти по големина печатен и четврти по големина дигитален тираж на претплатници, во вторникот рече дека ниту тој, ниту повеќе од 200 локални весници под нејзиниот чадор нема да поддржат кандидат.

Одбраната на Џеф Безос

Кога почна масовното откажување на дигиталните претплати се јави и Џеф Безос со своја колумна во „Вашингтон пост“ во која ја бранеше одлука и по која стана јасно дека тој стои зад неа, а не издавачот Луис.

Во својот есеј  Безос – кој го основаше „Амазон“ –  рече дека ја донел одлуката затоа што бил загрижен оти луѓето ја изгубиле  довербата во традиционалните американски медиуми и дека ги добиваат своите вести од социјалните мрежи, што ги прави ранливи на дезинформации.

„Повеќето луѓе веруваат дека медиумите се пристрасни. Секој што не го гледа ова обрнува малку внимание на реалноста, а оние што се борат со реалноста губат“, рече Безос.

Тој додаде: „Претседателските поддршки не прават ништо за да ја натежнат вагата на изборите. Ниту еден неопределен гласач во Пенсилванија нема да каже: ‘Ја следам поддршката на весникот А.’ Ниту еден. Она што всушност го прават претседателските поддршки е создавање перцепција за пристрасност. Перцепција на не-независност. Да се ​​стави крај на нив е принципиелна одлука и таа е правилна“.

Безос во својата колумна негираше дека  бизнис интересите  ја мотивирале неговата одлука и дека деловната средба на неговите директори со Трамп била сосема случајна.

„Исто така, би сакал да бидам јасен дека овде не станува збор  за никаков вид quid pro quo. Ниту кампањата ниту кандидатот не беа консултирани или информирани на кое било ниво или на кој било начин за оваа одлука. Тоа беше направено целосно внатрешно… Но, факт е дека не знаев за состанокот претходно“, рече тој.

Тој, сепак, призна дека тајмингот на одлуката бил несреќен. Изборите меѓу Трамп и Харис практично се во мртва трка, и на национално ниво, и во клучните држави кои ќе одлучуваат за победата.

„Посакувам да ја направевме промената порано, во еден момент подалеку од изборите и емоциите околу нив. Тоа беше несоодветно планирање, а не некоја намерна стратегија“, рече Безос.

Осиромашување на претплатите

Објаснувањето на Безос за одлуката да не поддржи кандидат можеби нема да убеди многумина од неговата растечка легија на критичари. Трамп нашироко се смета за автократска закана за политичките и медиумските слободи во САД доколку се врати во Белата куќа. Во неделата вечерта во Њујорк, Трамп одржа митинг на кој неговите сојузници и поддржувачи одржаа говори полни со расистички и запаллив јазик.

Оваа „интервенција“ на Џеф Безос не помогна. Осиромашувањето на претплатничката база на „Вашингтон пост“ продолжи. „Вашингтон пост“ изгуби најмалку 250.000 претплатници откако минатата недела објави дека нема да поддржи кандидат за претседател – приближно 10 отсто од неговите дигитални следбеници, објави весникот во средата.

„Пост“ не сакаше официјално да ја потврди таа бројка, велејќи дека станува збор за приватна компанија, но беше објавено во статија во весникот во која се цитираат документи и два неименувани извори кои биле запознаени со бројките. Исто така, илјадници читатели на „Лос Анџелес тајмс“ ги откажаа претплатите, иако не ни приближно на нивото на „Пост“.

Безос ја опиша одлуката како обид за поддршка на новинарите и новинарството, истакнувајќи дека во „анкетите за довербата и угледот, новинарите и медиумите редовно паѓаат блиску до самото дно, честопати веднаш над Конгресот“.

Истражувањето објавено од „Њујорк тајмс“ за време на викендот покажа дека на мејнстрим медиумите им се верува помалку од социјалните мрежи и 55 отсто од испитаниците сметаат дека медиумите се лоши за демократијата.

Потоа, во интервју Марти Барон се пожали на одлуката како дамка на претходното добро досие на Безос за поддршка на „Пост“ во неговото новинарство.

„Џеф Безос стоеше зад нас цел пат. Тој издржа голем притисок од Доналд Трамп, а Трамп му се закани на неговиот бизнис, ‘Амазон’ и сето тоа. И тој воопшто не потклекна“, изјави Барон. „Сметам дека овој развој е попуштање под притисокот на Трамп“.

Некои од главните колумнисти на „Вашингтон пост“ повикаа да се запре откажувањето на претплатите, затоа што тоа на крајот би било контрапродуктивно.

Дана Милбанк, колумнист, рече дека не може да ги поддржи повиците за откажување. Тој рече дека тоа нема да му наштети на Безос, кој веќе изгуби 77 милиони долари од „Пост“ во 2023 година, бидејќи весникот е само „џебна промена“ за бизнисменот.

„Но, бојкотирањето на ‘Пост’ ќе ми наштети мене и на моите колеги“, напиша Милбанк. „Колку повеќе откажувања има, толку повеќе работни места ќе се изгубат и помалку добро новинарство“.

Сепак, тој додаде дека ако не-поддршката е „почеток на репресијата на нашиот новинарски интегритет… јас и моите колеги ќе ги водиме повиците до читателите на ‘Пост’ да ги откажат своите претплати, а ние масовно ќе поднесеме оставки“.

Милбанк истакна дека Безос вообичаено не се мешал во „Пост“ пред раководството на весникот да одбие да ја поддржи Камала Харис на претстојните избори.

Одлуките на „Вашингтон пост“, „Лос Анџелес тајмс“ и „УСА тудеј“ имаа свои објаснувања зошто одбија да поддржат кандидат на овогодинешните претседателски избори. Но, поранешниот претседател Доналд Трамп не гледа на тоа така. Тој веднаш се обиде да ја искористи оваа одлука во своја корист.

Говорејќи на митинг во Северна Каролина, Трамп во средата тврдеше дека не-поддршката на весниците е всушност печат на одобрување за неговата кампања.

„’Вашингтон пост’ и ‘Лос Анџелес тајмс’ и сите овие весници. Тие не поддржуваат никого. Знаете што навистина велат – затоа што ги поддржуваат само Демократите – тие велат дека овој демократ не е добар. Тие не се добри. И тие мислат дека работам одлична работа. Тие едноставно не сакаат да го кажат тоа“, рече тој.

„Тоа значи дека мислат дека таа не е добра“, додаде тој, мислејќи на потпретседателката Камала Харис. (Dw)

Љупчо Поповски 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close