Моќ без одговорност
Почитувани читатели,
Изминаа полни 70 месеци од носењето на Еуростандард банка во стечај. Седумдесет месеци прашања без одговор. Седумдесет месеци молк од институциите. Седумдесет месеци во кои последиците ги трпеа луѓето, вработените, клиентите, Македонски пошти, фирмите, семејствата, но не и оние што ја донесоа одлуката.

Денес, по сè што се случи, за мене е повеќе од јасно дека стечајот на Еуростандард банка не беше обична банкарска процедура. Тоа беше одлука со огромни последици, донесена во исклучително чувствителен политички и општествен момент, без да се искористат сите инструменти што стоеле на располагање, пред да се пристапи кон најтешката мерка, затворање на банката.
Од стечајната маса, според достапните информации и досегашниот тек на постапката, речиси целосно се обесштетени правните и физичките лица. Јавноста одамна знае дека ова е единствен случај во кој, и покрај стечајот, клиентите во огромен дел се обесштетени. Токму тоа отвора уште поголемо прашање: ако средствата постоеле, ако стечајната маса покажала таков капацитет, зошто банката мораше да биде однесена во стечај на таков начин и во таков момент?
Цената ја плативме јас и моето семејство. Ја платија вработените во Еуростандард банка. Ја платија Македонски пошти. Ја платија илјадници правни и физички лица кои беа клиенти на банката. А најголемата цена, на крајот, ја плати довербата во системот.
Екс гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ја однесе банката во стечај без претходно да бидат искористени сите можни механизми што законот и институционалната пракса ги предвидуваат за вакви ситуации. Прашањето е едноставно и суштинско: зошто не беа преземени вонредни мерки? Зошто не беа санкционирани поединечни членови на органите на банката, доколку навистина постоеле основи за тоа? Зошто, во дваесетгодишното функционирање на Еуростандард банка, не беше одземена лиценца на ниту еден член на највисоките органи, кога токму Народната банка ги издава тие лиценци?
Вториот инструмент што беше прескокнат е администрација. Со овој механизам Народната банка можела да го преземе управувањето, да направи длабинска анализа и во рок предвиден со закон да утврди дали банката треба да оди во стечај или може да продолжи со работа. Тоа не беше направено.
Зошто?
Тоа е прашањето што мора да добие одговор. Не политички одговор, ниту бирократски одговор, туку институционален, документиран и јавен одговор.
Каква е одговорноста на екс гувернерката Бежоска за оваа одлука? Каква е одговорноста на институцијата што одлучуваше? Кој во оваа држава има право да донесе одлука со вакви последици, а потоа да остане целосно недопирлив?
Како акционери во банката, секогаш ги почитувавме одлуките на Народната банка. Во целиот период на постоење на Еуростандард банка вршевме докапитализации и постапувавме според барањата на регулаторот. Но, кога дојде моментот во кој требаше да се покаже институционална одговорност, се избра најтешката можна мерка.
Банката беше однесена во стечај на 12 август 2020 година, веднаш по завршувањето на вонредната состојба предизвикана од пандемијата КОВИД-19 и веднаш по предвремените парламентарни избори, во период кога државата немаше целосно оформено Собрание и Влада. Со еден збор, во време на институционален вакуум.
Дополнително, потенцијалните инвеститори кои покажаа интерес за влез во Еуростандард банка чекаа со месеци за средба со гувернерката. Според моите сознанија, тие не беа удостоени ниту со вистински институционален разговор. Ако постоел интерес за спас на банката, зошто тој интерес не бил разгледан со сериозност? Ако постоела можност за решение, зошто таа можност не добила фер шанса?
Госпоѓата Бежоска замина од функцијата гувернер со „прекрасно“ CV и со јавна слика на успешен гувернер. Но, зад таа биографија останува случајот Еуростандард банка, а тоа е случај што не може да се избрише со протоколарни пофалби, ниту со институционален молк.
Собранието на Република Македонија е единствената институција која, согласно системот, може да отвори политичка и институционална контрола врз работата на Народната банка. Комисијата за финансирање и буџет во македонскиот парламент отвори јавна седница за случајот поврзан со стечајот на Еуростандард банка. Но, резултатите од таа седница останаа недовршени, нејасни и без конкретни заклучоци.
Тоа е недозволиво.
Во изминатиот период ги проучував законите што треба да гарантираат дека Народната банка постапува правилно. Истовремено ги анализирав и институциите што би требало да имаат можност да вршат контрола врз нејзиното работење.
Сознанието до кое дојдов е фрапантно. Во Македонија практично не постои ефикасен механизам преку кој може суштински да се контролира работењето на Народната банка и да се отвори постапка за одговорност на лица кои, врз основа на закон, имаат огромна моќ да носат одлуки со несогледливи последици.
Тоа значи дека системот создал моќ без одговорност.
А моќ без одговорност е опасност за секоја правна држава.
Независноста на Народната банка е важна. Никој сериозен не го спори тоа. Но, независноста не смее да значи недопирливост. Независноста не смее да биде алиби за отсуство на отчетност. Независноста не смее да биде ѕид зад кој ќе се кријат одлуки што уништуваат банки, семејства, работни места и доверба во системот.
Во последните европски извештаи за Македонија повторно се случува она што сите го гледаме и чувствуваме: државата има сериозен проблем со корупција, организиран криминал, слаба институционална отчетност и недоволно владеење на правото. Но, моето сознание оди уште подлабоко, а тоа е дека во Македонија корупцијата и неодговорноста не се само прашање на поединци. Тие се вградени во празнините на системот, а понекогаш се заштитени токму со законот.
Сакаме да бидеме членка на Европската Унија, а во сопствената земја носиме и одржуваме закони што им даваат огромна моќ на високите институции без јасна, ефикасна и применлива одговорност. Тоа не е европски систем. Тоа не е правна држава. Тоа е систем во кој граѓанинот е слаб, а институцијата е недопирлива.
Случајот Еуростандард банка не смее да остане затворена архива. Тој мора да стане точка од која Македонија ќе почне сериозно да разговара за отчетноста на најмоќните институции.
Мојата порака до сите политички партии во Собранието на Република Македонија е јасна: престанете да се криете зад процедурите. Престанете да го одложувате она што мора да се направи. Донесете закони што ќе овозможат вистинска контрола врз институциите со огромна моќ. Отворете механизми за одговорност. Побарајте одговори. Побарајте документи. Побарајте отчет.
Денес тоа е Еуростандард банка, утре може да биде која било друга институција, компанија или семејство. Денес тоа сум јас. Утре може да биде секој граѓанин на оваа држава.
Нема правна држава таму каде што институциите имаат моќ да уништат, а немаат обврска да одговараат. Токму затоа, ова не е само моја лична битка. Ова е битка за систем во кој законот нема да биде штит за моќните, туку заштита за граѓаните.
Македонија мора да одлучи дали ќе гради правна држава или ќе продолжи да живее во систем на недопирливи институции?
Моќ без одговорност не е демократија. Моќ без одговорност е злоупотреба што чека момент да се повтори.






