Москва тврди дека Украина повторно напаѓа руски рафинерии

Украинската војска ги обнови нападите врз руските рафинерии, соопшти Москва, пренесе ДПА.

– Имавме затишје извесно време. Но денеска нападите … продолжија, а нашите капацитети работат под заштитни мерки – ја цитираше руската новинска агенција РИА Новости денешната изјава на вицепремиерот Александар Новак.

Според извештаите, нападнати биле вкупно три рафинерии и еден гасно-хемиски комплекс. Еден капацитет бил „лесно“ оштетен. Новак не изнесе дополнителни детали во врска со метите или употребеното оружје.

Претходно, украински Телеграм канали поврзани со војската објавија снимки од пожари на локација за која се верува дека ѝ припаѓа на рафинеријата во Новокујбишевск во самарската област.

Провладината украинска одбранбена фирма „Фајер поинт“ објави мапа која сугерира дека нападот бил изведен со употреба на дронови ФП-1 произведени од компанијата. Засега нема официјална потврда за нападот.

Според руските државни медиуми, двајца мажи ги загубиле животите за време на операциите за расчистување и гаснење на пожарот. Капацитетите и претходно беа напаѓани неколку пати од украински дронови.

Украина се брани од руска инвазија од февруари 2022 година и повеќепати целеше индустриски капацитети длабоко во руската територија.

Вашингтон повеќепати го повикуваше Киев да се воздржи од напади врз руските рафинерии за нафта, за дополнително да не се покачат глобалните цени на горивото. Како резултат на тоа, Украина ги суспендираше своите напади врз рафинериите околу две недели.

Back to top button
Close