Можен ли е Орбан во Македонија? 

Денко Малески

ВМРО-ДПМНЕ му порачува на СДСМ да си ги гледа своите маки а не унгарските. Но, темата е важна и за Македонија затоа што, деновиве,странските аналитичари, покрај Орбан, спомнуваат уште двојца нелиберални политичари кои управуваат со две балкански држави – Вучиќ од Србија и Мицковски од Северна Македонија. Дали се во право кога се работи за македонскиот премиер?

Еве ги фактите, па одлучете сами. Нелиберален демократ е човек кој доаѓа на власт преку демократски избори, но управува на начин со кој ги поткопува демократските принципи. Нелибералниот демократ се изедначува со народот и, концентрирајќи ја моќта во свои раце, ја потиснува опозицијата на маргините на општеството. Судови, обвинителства, регулаторни тела се ставаат под контрола на политичката власт, а независните агенции ја губат својата автономија. Виктор Орбан кој прв го спомна терминот „нелиберална држава“ во говор од 2014, стана прототип за вакво владеење. Јавните медиуми станаа про-владини, а приватните беа изложени на притисоци, најчесто економски. Со силна нагласка врз нацијата, суверенитетот, религијата и културниот идентитет, Орбан им се спротистави на либералните и космополитски европски вредности. Со својата политика, Орбан ги растресе либералните столбови на унгарскиот политички систем какви што се владеење на правото, поделба на власта,заштита на малцинствата и слободни и плуралистички медиуми.Формулата на нелибералните демократи е од двата елементи на либералната демократија, избори и либерални вредности, да се сочува само првиот – избори. Потоа,како што во пракса покажа Орбан, следат промени во уставот, зголемена контрола врз медиумите, намалена независност на судството и обезбедување за владеачката партија долгорочни структурни предности во однос на партиите на конкурентите. Оттаму и дефиницијата за нелибералниот демократ. Тоа е политички водач кој добива на избори, но систематски ја употребува својата моќ да ги ослаби либералните институции без кои демократијата не е вистински натпреварувачка и плуралистичка.

Има ли шанса Мицковски да стане втор Орбан? Тоа не може да се исклучи , а определени постапки кон опозицијата, судството и медиумите во Македонија се направени во манирот на нелибералните демократи. Во прилог на можно „демократско лизгање назад“ (democratic backsliding ) зборува и фактот дека нашиот политички систем е од типот на хибридните системи, без демократска традиција. А, слабото владеење на правото, недовербата на граѓаните во институциите и длабоко поларизираниот систем на закрвени артии е погодно легло за нелиберални политичари.Оние на кои не им е гајле за слободата и демократијата, туку само за власта. Но, унгарскиот систем не може лесно да се преслика во Македонија. Ако не за друго тогаш заради етничката композиција на нашето општество. Имено, мултиетничката структура налага споделување на власта, децентрализација, коалициони влади и бадинтерово вето во парламентот. Згора на ова, како кандидат за членство во ЕУ, политичкиот систем на Македонија е изложен на перманентен мониторинг и на притисоци за либерални реформи и стандарди согласно владеењето на правото. Тоа беше особено присутно во „американаката ера“ кога американските амбасадори имаа своја директна улога во управувањето со државата. Тука е и нашето трауматично искуство со „заробената држава“, па извлечените поуки во форма на затворски казни се своевидна кочница за потенцијалните узурпатори.

Оттаму, главната инспирација за партијата на македонските националисти превземена од Орбановите постулати на владеење е нагласката врз нацијата, суверенитетот, религијата и културниот идентитет. Но, само врз национализмот не може кај нас да се гради нелиберална држава, барем не на подолг рок. Зашто ќе се покаже дека резултатите од таквата политика не можат да бидат исти во национално хомогено општество како унгарското и во мултинационална Македонија. Филозофијата на Орбан која извира и од етнички хомогеното унгарско опшетство е тотално неприменлива во Македонија. Нашата плуралистричка филозофија на споделување на власта меѓу заедниците, ососбено меѓу најголемите две, е рецепт за мир и развој кој, со Охридскиот договор, ни беше наметнат однадвор, во времето на „американската ера“. Како и Преспанскиот, овие договори не се производ на нашата добра волја, па оттаму нивниот опстанок не е загарнтиран и бара напор од секоја влада да се сочуваат во интерес на безбедноста на државата.

Да заклучам. Нелибералниот демократ, за каков се сметаше себеси Виктор Орбан, е демократ во смисла дека тој ги почитува резултатите на изборите и мирно ја предава власта. Но, за да се дојде до такво расположение кај гласачите на Унгарија, требаше да поминат 16 години за исклучително силната партија Фидеш да падне. „Демократското лизгање назад“ на македонскот општество со исклучително силна власт и исклучително слаба опозиција може да обезбеди слични предности за ВМРО-ДПМНЕ и партнерите во власта, што може да им обезбеди долгогодишно владеење. Дел од тој план за долго останување на власт е негување на стравот од Бугарија и омразата кај Македонците кон Бугарите. Надминувањето на таа состојба, пак, стана клучот за натамошна европска интеграција. СДСМ мора ќе да најде одговор на оваа комплицирана дилема со длабоки историски корени, зашто во натпревар со националистите според нивните правила – губи. Важни се и европските и светските процеси во годините што доаѓаат. Малите држави, чија основна задача е да опстанат, не влијаат врз меѓународните односи но трпат силно влијание од надвор. Опозицијата во Македонија мора да се подготви за новиот либерален бран во Америка и во Европа кој ќе му се спротистави на нелибералниот. Ова што се случува со американската политика под Трамп не е крај на либералните вредности во светот. Како што пишува Џон Милтон во својата поема од 1634: „Зад секој облак има сребрен вез“, метафора за оптимизам дека дури и во најлошите ситуации постојат позитивни аспекти.

 

 

Back to top button
Close