Обвинение за судијата Ристов кому 350.000 евра му беа пронајдени заѕидани во цигли

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) излезе со детали за големиот корупциски скандал кој го тресе правосудството. Откако адвокатот кој посредувал за поткуп целосно ја призна вината и заработи затворска казна, Обвинителството денеска официјално поднесе обвинение и против судијата од Апелациониот суд Скопје.

Случајот започна да се расплетува откако обвинителството обезбеди цврсти докази дека адвокат (лице кое врши јавни овластувања) побарал поткуп од вкупно 100.000 евра.

 

Апсењето: На 13 декември 2025 година, тој бил фатен „ин флагранти“ при директно примање на првиот дел од сумата во износ од 20.000 евра.

Целта: Парите биле наменети за тој да го искористи своето реално влијание врз судија од Апелациониот суд за да издејствува укинување на мерката притвор за лице кое во тој момент било недостапно за полицијата.

Соочен со доказите, адвокатот целосно ги признал наводите и се спогодил. Основниот кривичен суд Скопје вчера му изрече ефективна казна затвор од 1 година и 3 месеци за кривичното дело – Примање награда за противзаконито влијание.

Иако адвокатот бил уапсен пред парите да стигнат до судијата, Обвинителството ја проширило истрагата кон апелациониот судија, извршувајќи претреси.

На 18 јануари 2026 година, при претрес во домот на родителите на судијата во Неготино, инспекторите откриле филмско скривалиште. Пронајдени се вкупно 350.000 евра за кои судијата немал доказ за потекло, ниту пак ги пријавил во својот анкетен лист.

Спакувани во 13 поединечни пакувања.

Вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра.

Дел од пакувањата имале рачно испишани износи на нив.

Парите биле заѕидани во шуплините од циглите во ѕидот на една од собите.

Обвинение за судијата: Перење пари и криење имот

Поради овие откритија, ОЈО ГОКК денеска поднесе официјално обвинение против судијата од Апелациониот суд.

Според истрагата, постои основано сомнение дека тој од февруари 2020 година, спротивно на законската должност, давал лажни податоци за својот имот и не пријавил средства кои во огромни размери ги надминуваат неговите законски приходи.

Врз основа на доказите за сопственоста на парите и филмскиот начин на кој биле сокриени, судијата се товари за две тешки кривични дела:

Противправно стекнување и прикривање имот 2. Перење пари и други приноси од казниво дело Од Обвинителството нагласуваат дека истрагата не застанува тука и дека надлежниот јавен обвинител продолжува да презема дејствија за целосно расветлување на можните коруптивни мрежи и потенцијалната инволвираност на други лица.

Back to top button
Close