Муцунски за Ива Михајлова: Непристојно е земја членка на ЕУ да стане прибежиште за бегалци од правдата
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски упати остра порака до официјална Софија во врска со третманот на лицата кои избегале од македонското правосудство, со конкретен осврт на случајот со Ива Михајлова, нагласувајќи дека и државите членки на Европската Унија мора да ги почитуваат врвните европски стандарди за владеење на правото, објави 4news.mk

„Како земја кандидат за членство во ЕУ, очекуваме и членките да ги почитуваат највисоките стандарди во врска со владеење на правото. Навистина е непристојно една земја членка на ЕУ да станува прибежиште за тие што или се осудени за кривични дела или се лица за кои има степен на сомнеж и се водат постапки во рамки на судовите во државата“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека ќе биде внимателен во јавните изјави, повикувајќи се на ставот на претседателот на Владата Мицкоски, и истакна дека Македонија нема интерес да стане дел од „естрадата“ поврзана со оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателските избори што се во тек во таа држава.
Муцунски порача дека Македонија не ги запира интензивните дипломатски напори за деблокада на евроинтегративниот процес и дека билатералниот дијалог со Бугарија продолжува, но исклучиво во координација и активна комуникација со сите земји членки на Европската Унија.
Тој наведе дека изминатите денови остварил важни средби на највисоко ниво, меѓу кои и со францускиот министер за европски прашања во Црна Гора, каде што директно ги презентирал позициите на Македонија. Муцунски додаде дека и за време на денешната средба со словачкиот колега Јурај Бланар, темата на деблокадата била меѓу главните, имајќи предвид дека сите одлуки поврзани со проширувањето и интеграцијата носат исклучителна тежина и бараат целосен консензус во Брисел.
„Дијалог има и ќе продолжиме да воспоставуваме дијалог. Тој е билатерален со Бугарија, но вклучува наша активна комуникација со претставниците на земјите членки на ЕУ. За сите одлуки поврзани со нашата интеграција е потребен консензус, што значи дека за било какво решение за кое работиме со Софија, неопходна е поддршка и консензус од сите земји членки на Унијата“, рече Муцунски





