МВР ме прави огрочена и лута

Постојат текстови кои се тешки за пишување. Овој се испостави да биде еден од нив. Постои еден стереотип (од многуте стереотипи) за феминистките дека се огорчени и лути. И јас се наоѓам себеси како сум навистина огорчена и лута. Но, ако порано пробував да „работам на тоа“, сега сфаќам дека и тоа е една од тактиките на насилничкиот систем да нè држи во субмисивна положба. Имаме причини да бидеме лути и има начини на кој тој гнев може да се канализира кон политичка мобилизација. Лути сме и на историјата и на политиката, на донесувачите на одлуки, на медиумите и поп-индустријата, на насилниците и релативизаторите, на блиските кои им го покажуваат местото на жените и на непознатите кои им го покажуваат местото на жените. Секако, особено сме лути и на институциите, кои со сите транс-генерациски, но и секојдневни напори и жртви, секогаш работат за одружување на статус квото. На чело со полицијата. Често, лута сум на себеси што очекувам правда од овие институции, а во константното соочување со тоа разочарување, понекогаш не знам што да правам со лутината која се насобира. Во обид да ја канализирам (и понекогаш употребам) го работам токму ова. Но, како што кажав, некои текстови се тешки за пишување.
Проблемот се сведува на фактот што жените, во принцип, не ѝ веруваат на полицијата; квир луѓето не ѝ веруваат на полицијатa; сексуалните работнички и работници не ѝ веруваат на полицијата; жртвите на насилство не ѝ веруваат на полицијата, и листата може да продолжи. Би било чудно состојбата да не беше таква, со оглед на тоа што овие групи граѓани или на своја кожа имаат почуствувано полициско заплашување, уценување и насилство, или пак игнорантност и непостапување. Имајќи ја предвид таквата историја и сегашна позиција на полицијата, како и зачестените дискусии за намалување на буџетите на полицијата и нејзино укинување како долгорочен проект, контрадикторно ми е да „барам“ од полицијата да си ја врши работата за која е платена (од наши пари), т.е. да понуди превенција и заштита од насилство за сите. Сепак, го правам токму тоа. Поразително е да се помириш со фактот дека оваа институција не само што е нефункционална, туку е и активен заштитник на културата на насилство; култура во чии очи одредени девојки и жени заслужуваат да бидат малтретирани, уценувани, омаловажувани, навредувани, силувани и тепани. Поразитално е, но неизбежно, со тој факт човек да се помири и се запраша, каде понатаму од таа позиција?

Историски, полицијата не ги заштитувала жените од насилство и веројатно нема ни да почне да го прави тоа наскоро. Фактот што до пред 50тина години семејното насилство воопшто не се сметало за кривично дело (а родово базираното насилство надвор од партнерските односи сè уште не е дел од Кривичниот законик кај нас), само ја разбиструва сликата зошто еден полицаец при пријава на насилство од страна на жена, може да каже:
девојче, немаш закана по живот, нема што да направиме,
љубовна кавга е тоа, не се мешаме или
треба да си припазиш како се облекуваш, каде излегуваш и со кого, и повеќе да си седиш дома и да ги гледаш децата. Не треба провокативно да се однесуваш да се шминкаш за да не предизвикуваш љубомора кај мажот…
Истакнатите цитати се сведоштва од жени кои решиле да пријават насилство, во (очигледно залудна) надеж да бидат заштитени. Надежта е особено залудна бидејќи најчесто жртвите на насилство не влегуваат во рамката на „совршена жртва“ која заслужува заштита и правда и лесно и брзо ќе ги добие. Случаите кои излегуваат од оваа рамка (на пример жртвите на Јавна соба), каде во очите на машките институции жените направиле нешто за да го заслужат/провоцираат/влошат насилството, се класични примери на двојна виктимизација кои ги одвраќаат жените од самата идеја да пријават насилство.
Токму заради ваквата поставеност на работите, нејасно ми е, како МВР можеше да се осмели преку медиумите да „ги повика“ жртвите на Јавна соба да пријавуваат, во очи на сите сведоштва дека по овие пријави не се постапува. Тоа што беше дополнително проблематично е што одговорот на сите институции беше родово неутрален, кога сите знаеме дека жртви на овие групи се исклучиво девојки и жени.
За да ја искристализираме оваа позиционираност на институциите кои би требало да нè заштитуваат, собравме сведоштва од девојки и жени кои решиле да пријават родово базирано насилство и сведоштва од организации кои нудат бесплатна правна помош и следеле вакви случаи. Одговорите и треманот кои повеќето од нив ги добиле се разочарувачки, загрижувачки и страшни, а во прилог издојувам само дел од нив:
Првин се јавив во полиција, но не добив одговор. Другиот ден отидов во станица, ми рекоа да почекам. Додека чекав еден полицаец ме праша што сум барала, му објаснав. Ми рече лекарско да извадам, не ни ми зедоа пријава, немав физички знаци на насилство, сфатив дека нема да можат да ми помогнат. (Инаку самиот полицаец доста арогантно се однесуваше).
Бевме сами кај другарка ми. Тој што ме вознемируваше дојде на врата. Се јавивме во полиција и ми рекоа дека морам да дојдам лично во полициска станица да направат записник. Им кажав дека не можеме да излеземе затоа што стои пред врата. Ми рекоа дека таква е процедурата. Само јас знам како таа вечер се вратив дома…
Поранешен вонбрачен партнер на жртвата постојано насилно се однесувал. Жртвата сакала да ја прекине врската кога насилството ескалирало. Еднаш физички ја нападнал жртвата во кафуле нанесувајќи лесни телсни повреди, а потоа втор пат ја следел, и се заканувал и пробал да ја напдне додека влегула во возило. Жртвата извадила за првиот пат медицинска белешка, а двата случаи ги пријавила во полиција. Полицијата прекршочно го гони сторителот, а сторителот èе уште ја демне и ја вознемирува жртвата.
Тоа што дополнително загрижува е што системот на внатрешна контрола на МВР е нефункционален, па службениците имаат простор непрофесионално да постапуваат или да ја злоупотребуваат својата позиција на моќ. Едноставно е – нема да претрпат последици! Повторно, МВР во јавно излагање побара од жртвите да принесат докази доколку службеникот не постапил правилно. Последен пат кога проверив, тоа е работа на самата институција, а не на жените кои покрај сета траума се осмелиле да пријaват насилство. Едно такво сведоштво од 2017 година, каде се пријавeни 10 службеници за вознемирување, до ден денес нема разрешница.

колумната на Калиа Димитровска во целост прочитајте ја на МЕДУЗА

Back to top button
Close