МВР на Србија: Во март во продолжение на борбата против корупцијата се уапсени 125 луѓе

Вкупно 125 луѓе се уапсени во март од страна на српската полиција, односно Одделот за антикорупција на Управата за криминалистичка полиција како дел од борбата против корупцијата и финансискиот криминал, јави дописникот на МИА од Белград. Кривични пријави се поднесени за 127 луѓе.

„Во соработка со специјалните антикорупциски одделенија на вишите јавни обвинителства во Белград, Нови Сад, Ниш и Краљево, уапсени се 125 лица, а против вкупно 127 лица се поднесени кривични пријави за кривични дела во надлежност на Одделот за борба против корупција. Причинета е противправна имотна корист од околу 670 милиони динари и штета во износ од околу 770 милиони динари“, соопшти МВР на Србија.

Меѓу уапсените во март има и функционери на локалните самоуправи во Бор, Лесковац, Голубац, Житораѓа, Брус, како и голем број одговорни лица во деловни субјекти во Србија.

Back to top button
Close