МВР со детали: Фалсификаторите од Камерун кои планирале во државава да ги изработата лажните пари, заработија кривична

Двајцата Камерунци, фалсификатори, кои вчера беа уапсени на „Меѓународен Аеродром“ – Скопје, при влез во државата, за кои пишуваше МИА имале намера хартиите со банкноти со апоенска вредност од 50, 100, 200 и 500 евра кои биле пронајдени кај нив да ги внесат на територијата на нашата држава за да се искористат за правење на лажни пари во вкупна вредност од 902.150 евра.

Од МВР соопштија дека Одделот за гранични работи и миграции на Граничен премин  ги лишиле од слобода Т.Р.Ф.(36) и М.Б.С.(40), двајцата од Камерун, поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување “.

-При пасошка контрола на пријавените, кои допатувале од Милано, извршена им била  дополнителна гранична контрола и при преглед на багажот, кај Т.Р.Ф. биле пронајдени 2.591 исечени парчиња хартија на кои од двете страни е отпечатен  дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 2.363 такви парчиња со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 100 евра, 463 парчиња со  дел од дизајнот на банкноти од 200 евра, 213 со дизајн на банкноти од 500 евра, 2 исечени парчиња хартија на кои од едната страна е отпечатен во повеќе бои дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 78 исечени парчиња хартија без никаква ознака, како и две шишиња со течност и УВ-ламба. При преглед на багажот кај М.Б.С. пронајдени се 2.072 исечени парчиња хартија со црна позадина на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 1.321 такви парчиња со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 100 евра, 247 со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 200 евра, 104 со дизајн на банкноти од 500 евра,  како и 1 француска лична карта на име К.В.С. и 1 камерунска патна исправа на име С.И.Ф. за кои нема податоци дека се вистинити, се наведува во соопштението на МВР.

Пронајдените предмети биле одземени и предадени  на вештачење во Народна банка и Одделот за за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР, при што било утврдено дека примероците се имитации на евро банкноти со различна апоенска вредност, кои се изработени со користење на професионална опрема. Исто така, од извршената експертиза од страна на Народната банка е констатирано е дека тие претставуваат примероци во рана фаза од изработката на фалсификувани евро банкноти  со апоенска вредност од 50, 100, 200 и 500 евра.

Поради предметите кои неовластено ги поседувале и со намера да ги внесат на територијата на нашата држава за да се искористат за правење на лажни пари во вкупна вредност од 902.150 евра, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје , поднел кривична пријава против двете лица поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“.

Back to top button
Close