МЗ: 76 проценти од ковид-позитивните и 81 отсто од хоспитализираните изминативе два месеца не биле вакцинирани

Од вкупниот број позитивни на Ковид-19 регистрирани во изминативе два месеци, 76 проценти или 28 856 граѓани не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 81 отсто, додека само 19 проценти од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата на Министерството за здравство.

Како што се наведува во денеска објавената анализа на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид-19, за вакцинирани се сметаат лицата кај кои се аплицирани две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

При тоа во период од 06.08 до 7.10.2021 на територија на државата 38.019 граѓани се регистиррани како позитивни на Ковид 19, од кои 24 отсто биле целосно вакцинирани, односно 9.163 лица.

Во период од 6.08 до 7.10.2021 на територија на државата починале 1 277 пациенти со Ковид 19, од кои 1070 пациенти од нив, односно 84 проценти, не биле вакцинирани, а само 16 отсто, односно 207, примиле вакцина.

– Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, се наведува во соопштението.

Министерството за здравство воедно, укажува на важноста на вакцинација и апелира до граѓаните да се имунизираат.

– Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, наведуваат од Министерството за здравство.

Back to top button
Close