Најлош пад на канадската економија од 2009 година
– Канадската економија забележа пад од 8,2 проценти во првиот квартал, што е најголем пад од финансиската криза во 2009 година.
Бруто домашниот производ на годишно ниво падна за 8,2 проценти во првите три месеци од годинава, објави во Отава Агенцијата за статистика на Канада.
Економистите очекуваа пад од 10 проценти. Агенцијата, исто така, објави првични проценки за април, кои покажуваат пад на производството од 11 проценти, што е полошо во споредба со падот од 7,2 проценти во март, кога кон средината на месецот за првпат беа воведени рестриктивни мерки поради коронавирусот.
Колку и да се лоши, податоците се подобри од очекуваните и сугерираат дека Канада би можела да ги избегне најлошите сценарија благодарение на приливот на владини трансфери во економијата.
Иако стотици илјади Канаѓани ги загубија своите работни места во првиот квартал, расположливиот доход на домаќинството се зголеми, што е одраз на зголемување на владините трансфери. Канаѓаните не ја потрошиле државна помош, туку ја насочиле кон штедење.
Поради затворањето на училиштата и скратувањето на јавната администрација, државната потрошувачка била послаба, што претставува намалување од 3,8 проценти на годишно ниво, најмногу од 2013 година.
Извозот исто така значително бил погоден во првиот квартал, и забележал пад од 11,3 проценти, но оваа загуба во голема мера била ублажена со истовремен пад на увозот од 10,7 проценти.