Најмалку 100 загинати и 300 повредени во две експлозии на автомобил-бомба во Могадишу

Најмалку 100 лица загинаа, а 300 се повредени во две експлозии на автомобил-бомба што синоќа го потресоа главниот град на Сомалија, Могадишу, изјави рано утринава претседателот Хасан Шеик Мохамуд.

-Нашите луѓе се масакрирани… вклучително и мајки со деца во рацете, татковци кои имаа здравствени проблеми, студенти кои беа испратени да студираат, бизнисмени кои се бореа за опстанокот на своите семејства, рече претседателот Мохамуд по посетата на местото на експлозијата.

 

Засега никој се уште не ја презеде одговорноста за нападот, иако претседателот ја обвини исламистичката група Ал Шабаб. Оваа група вобичаено избегнува да преземе одговорност за нападите кои резултираат со голем број жртви.

 

Првата експлозија се случи во близина на крстосница кај Министерството за образование, а втората следела кога пристигнала брзата помош и луѓето се собрале да им помогнат на настраданите.

Британските медиуми јавуваат дека ударниот бран од експлозиите ги искршил прозорците на блиските згради, а крв го прекри асфалтот пред местото на нападот.

Нападот се случи на истото место како и во најголемиот бомбашки напад во Сомалија во 2017 година кога загинаа над 500 лица.

Претседателот Мохамуд додаде дека е можно бројот на жртви да се зголеми.

Back to top button
Close