Најмалку 27 лица загинаа во автобуска несреќа во Непал

Најмалку 27 лица загинаа, а 16 се повредени откако автобус со десетици индиски аџии денеска излета од главниот автопат во Непал, соопштија официјални лица.

Автобусот излетал од експресниот пат Притви и паднал во коритото на реката Марсиангди. Спасувачите извлекоа 27 тела од остатоците, а 16 повредени се однесени на лекување во главниот град Катманду, изјави портпаролот на полицијата.

Остатоците од автобусот биле пронајдени во близина на Абухаирени, град на околу 120 километри западно од главниот град Катманду и реката. До утре нема да се отстранат бидејќи се стемни и тоа ја отежнува работата на службите.

Во автобусот се превезувале 43 лица и сите биле индиски државјани, потврди индиската амбасада во Катманду. Амбасадата соопшти и дека автобусот излетал на околу 150 метри од автопатот и оти се координираат со локалните власти кои преземаат акции за помош и спасување.

Автобуските несреќи во Непал се случуваат главно поради лошо одржувани патишта и возила, а во голем дел од земјата планинските патишта се многу тесни.

Back to top button
Close