Најмалку 40 загинати во воздушни напади во јужниот дел на Појасот Газа

Најмалку 40 луѓе се убиени во јужниот дел на Газа, а десетици други се повредени во израелските напади врз определена хуманитарна зона во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти управата за цивилна одбрана на Хамас, пренесува Би-би-си.

Израелската војска соопшти дека нејзиниот авион нападнал оперативен центар во Кан Јунис кој им припаѓа на борците на Хамас и дека презела чекори за да се намали ризикот од повреда на цивилите.

Нападите, според локалните жители, биле насочени кон шатори во кои се сместени раселените луѓе во хуманитарната зона Ал-Маваси, западно од градот Кан Јунис, предизвикувајќи огромни кратери длабоки седум метри.

„Четириесет луѓе загинаа, а повеќе од 60 се повредени, додека многу се уште се под урнатините“,вели за Би-би-си оперативниот директор на управата за цивилна одбрана на Хамас.

Според очевидци, големи експлозии ја потресле областа Ал-Маваси кратко по полноќ и можело да се види како пламен се издигнува кон небото, пишува Би-би-си.

Во соопштение, портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) вели дека војската нападнала „значајни терористи на Хамас кои дејствувале во командно-контролен центар вграден во хуманитарната област во Кан Јунис“.

„Пред нападот, беа преземени бројни чекори за да се намали ризикот од повредување на цивилите, вклучително и употреба на прецизна муниција, воздушно набљудување и дополнителни средства“,додаде портпаролот.

Тој додава дека терористичките организации во Појасот Газа продолжуваат систематски да ја злоупотребуваат цивилната и хуманитарната инфраструктура, вклучително и назначената хуманитарна област, за да вршат терористички активности против државата Израел и трупите на ИДФ.

Хамас ги отфрли тврдењата на израелската војска дека има борци на Хамас присутни во областа, нарекувајќи го тоа „безобразна“ лага.

„Во зоните во кои живеат цивили, нема наши членови, нема кој би го искористил тој простор за воени цели“,соопшти Хамас.

 

Back to top button
Close