Најмалку девет жртви во комплекс на ОН во Кан Јунис додека израелските сили напредуваат во градот

Тенковски гранати погодиле центар за обука на Обединетите нации во Кан Јунис, дом на десетици илјади раселени луѓе, при што загинале најмалку девет лица, а 75 се повредени, изјави висок хуманитарец на Обединетите нации.
Во меѓувреме, израелските сили продолжуваат со напредувањето во градот лоциран во јужниот дел на Појасот Газа, пренесе БТА.
За време на офанзивата, израелските сили ги опколија најголемите болници во јужниот дел на Газа, соопштија палестинските власти, и ја отсекоа главната рута за бегство за стотици илјади локални жители и луѓе кои побараа засолниште во градот.
Видео снимките што се шират меѓу Палестинците покажуваат како црн чад се издига над центарот за обука управуван од Агенцијата за помош и работа на Обединетите нации за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA). Тимот на УНРВА кој се обиде да стигне до центарот беше блокиран, изјави директорот на организацијата за Газа, Томас Вајт.
Коментирајќи го гранатирањето, израелската војска наведе дека целата околина е важна база за милитантите на Хамас.
– Логиката на целата операција во Западен Кан Јунис е да се уништи воената инфраструктура на Хамас во градот, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ).






