На повидок нова епизода од сапуницата во Судскиот совет

Катерина Блажевска

Дали Весна Дамева имала судир на интереси во постапувањето? Таа смета дека против неа се води хајка. Јазолот ќе се разврзува идната недела.

Една недела откако холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп соопшти дека Холандија ставила во мирување голем проект поврзан со Судскиот совет, а тоа тело го нарече „нелегитимно“, на повидок е нова епизода во Советот. Следната недела Советот требало да расправа по индиции за судир на интереси: дали Весна Дамева, која претходно незаконски беше разрешена од функцијата претседател, во изминатиот период учествувала во постапки во кои се оценува или одлучува за судии и претседатели на судови, и покрај тоа што тие воделе предмети во како тужен или тужител, бил нејзиниот сопруг, односно компанија во која тој е директор?

Медиуми кои имале увид во нејзини известувања до Советот за ова прашање, објавија дека таа побарала изземање заради таквите околности, ама пост-фестум. Дамева, пак, за ДВ вели дека станува збор за тенденциозно извртување на фактите, со цел во јавноста да се стекне погрешна перцепција. Притоа напоменува дека не барала изземање и дека тоа е наведено во самите известувања, бидејќи смета дека немало основа за изземање, туку само да достави известување до Советот, кој понатаму одлучува.

„Известувањата кои јас ги поднесов се засноваат на член 33 став 4 од Законот за Судски совет на РСМ и истите се поднесени веднаш откако дознав за постоењето на околностите. Со тоа јас постапив во целост согласно со Законот“, вели Дамева.

Нагласува дека член на Судскиот совет не учествува во работата на Советот во постапки за кои се одлучува за судија со кој е во брачна заедница, и тоа е субјективна околност.

„Сосема е јасно дека мојот сопруг не е судија, ниту кандидат за судија ниту пак јас сум учествувала во постапка во која се одлучува за него лично. Фактот дека компанијата во која работи се јавува како странка или оштетен пред судот, не значи дека јас априори можам да бидам пристрасна, туку постапувајќи законски и морално го известив Советот веднаш во моментот кога дознав за наведените околности“, објаснува Дамева.

Весна Дамева смета дека против неа се води хајка
Весна Дамева смета дека против неа се води хајкаФотографија: Petr Stojanovski

Во кои случаи член на Советот се иззема од неговата работа?

Според член 33 став 1, член на Советот не учествува во работа на Советот во постапки во кои се одлучува за судија, претседател на суд, кандидат за судија или кандидат за претседател на суд со кој е во: брачна или вонбрачна заедница; роднинска врска по права линија до кој било степен, а во странична до четврт степен; роднинска врска по сватовство до втор степен; однос на посвоеник или посвоител или лице со кое живее во иста семејна заедница. А според член 33 став 4, член на Советот, доколку во вршењето на својата функција дознае за постоење на околности кои може да предизвикаат сомневање во неговата непристрасност, е должен веднаш за тоа да го извести Советот, кој ќе донесе соодветна одлука.

Меѓу таргет и „Таргет“

Овој случај предизвикува големо внимание, бидејќи меѓудругото во фокусот повторно е предметот „Таргет – Тврдина“ и апелацискиот судија Енвер Беџети, за кој Судскиот совет утврди дека девет месеци неоправдано го држел капиталниот предмет за масовното прислушување. Во „Таргет-Тврдина“, сопругот на Дамева наводно бил оштетена странка, а таа гласала за поддршка на извештајот на Комисијата која предложила покренување постапка за разрешување на судијата Беџети.

Тензиите во Судскиот совет почнаа токму во пресрет на иницијативата за утврдување одговорност на Беџети, кога дел од челновите на СС наводно барале таа иницијативата да се стави на седница, а други – да се стопира. Епилогот беше разрешување на претседателката Весна Дамева во незаконска постапка, но немаше ни збор за посочената иницијатива за одговорност на судијата.

Дамева по разрешувањето во мај поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспорува законитоста на донесената одлука за нејзино разешување од функцијата претседател на Судскиот совет, а поднесе и кривична пријава до Основното јавно обвинителство поради постоење на основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело злоупотреба на службената должност и овластување. Откако не е претседателка, смета дека на некого му пречи и како член на Советот.

„Очигледно е дека против мене се води организирана хајка. Ова е очекувана реакција по поднесената тужба и кривична пријава и за сѐ што следува во Советот, а треба да се заврши. Сосема ми е јасно дека јас сум пречка за да може работите да се одвиваат онака како што некој сака и замислил. Обидите за мое ‘отстранување’ и како член на Советот ги најавив во една од моите претходни изјави, но не помислив на моментот дека и во ситуација кога веднаш известуваш за дознавање на одредени околности, односно постапуваш совесно, чесно и одговорно – ќе бидеш ‘обвинета’. Не знам уште што треба да се случи за да можеме да тргнеме од мртвата точка и да престане оваа состојба на секојдневно паѓање на довербата и угледот на судството. И навистина ова е болно за гледање, како што изјави амбасадорот на Кралството Холандија“, вели таа.

Критиките релевантни, изјавите непријатни

Иако по незаконската смена на Дамева во експертската јавност доминираа оценки дека Судскиот совет треба да поднесе колективна оставка, бидејќи е искомпромитирана неговата работа, такво нешто не се случи. Минатата недела холандскиот амбасадор во РСМ, даде многу остри критики за состојбата во правосудството, со акцент и на Советот.

„Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за гонење организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго“, рече амбасадорот во интервју за РСЕ.

Притоа потсети дека причината поради која Холандија се согласила со одлуката за почеток на пристапни преговори на РСМ со ЕУ, било токму гарантирањето дека ќе се процесуираат предметите на поранешното СЈО.

„Дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното прислушување, тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето „Темели“ кое прво се отвара, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме, е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој. А сега го имаме и случајот со Судскиот совет, кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање “, потенцираше холандскиот амбасадор.

Новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, изјави дека се непријатни таквите укажувања и изјави, но уверуваше дека Советот работи во согласност со законот.

„Создаваме недоверба кај граѓаните зашто некои предмети застаруваат и тоа е реален проблем. Во тој дел се согласувам и со амбасадорот, и со сите релевантни критики. Апсолутно мора да се понесе одговорност во секторот правосудство, а ние како Совет мора да ги следиме тие состојби. А ако детектираме некој проблем, согласно надлежностите постапуваме“, рече Георгиев.

 

Back to top button
Close